ОД СПЛИТ ДО УШТЕ 10 ХРВАТСКИ ГРАДОВИ Македонскиот филм тргна во голема турнеја

Патувачкиот Фестивал на македонскиот филм продолжува во уште 10 хрватски градови, со посебен фокус на македонското филмско наследство и неговата меѓународна промоција.

ОД СПЛИТ ДО УШТЕ 10 ХРВАТСКИ ГРАДОВИ Македонскиот филм тргна во голема турнеја
Фото: Принтскрин

Во рамките на второто издание на Фестивалот, во организација на Македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија, во Сплит се одржа трибината „Дијалог на кадри“, посветена на заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија.

На трибината беше нагласена улогата на Кинотеката на Македонија како институција задолжена за прибирање, заштита, чување и презентација на филмското наследство. Директорот Бошко Грујоски говореше за нејзината институционална улога, додека Дамјана Патчева и Тихомир Кашмицовски се осврнаа на предизвиците поврзани со дигитализацијата, реставрацијата и зачувувањето на филмската култура.

Претседателката на Македонското културно друштво „Македонија“ Сплит, Марта Жаја, и директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, ја истакнаа важноста на соработката за продлабочување на хрватско-македонските културни врски.

Фестивалскиот ден заврши во Центарот за култура „Златна врата“ со специјалната програма „Македонски оскаровци“, организирана по повод 35 години независност на Македонија.

Пред сплитската публика беа прикажани филмовите „Дае“ („Мајка“) на режисерот Столе Попов и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Со оваа програма заврши фестивалската презентација во Сплит, кој беше првата дестинација од второто издание на патувачкиот Фестивал на македонскиот филм во Хрватска.

Фестивалот продолжува во текот на септември и октомври во уште 10 градови низ Хрватска, во партнерство со Мрежата на независните киноприкажувачи во Хрватска.

Патувачкиот Фестивал на македонскиот филм е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб и е поддржан од Министерството за култура и туризам.

CATEGORIES
Share This