ЌЕ МЕ КОЛЕ НА ПЛОШТАД Мицкоски откри какви закани добивал на социјалните мрежи

39-годишен жител на Черкези е во притвор откако преку социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на премиерот, а обвинителството предупредува на ризик од повторување на делото.

ЌЕ МЕ КОЛЕ НА ПЛОШТАД Мицкоски откри какви закани добивал на социјалните мрежи
Фото: Принтскрин

Судот му определил осумдневен притвор на 39-годишен жител на селото Черкези, Кумановско, кој преку социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на премиерот Христијан Мицкоски. Случајот го потврди Министерството за внатрешни работи, а од Основното јавно обвинителство Куманово соопштија дека против него е поведена постапка за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“.

Според МВР, Отсекот за компјутерски криминал при СВР Куманово, во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, поднел кривична пријава по брза постапка.

Случајот се однесува на коментар што осомничениот го објавил на 11 септември 2026 година на објава од профилот на премиерот на социјалната мрежа. Поради содржината на коментарот, против него е поднесена пријава за „Загрозување на сигурноста“.

Од обвинителството претходно соопштија дека осомничениот преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата. Точната содржина на заканите не беше објавена.

Премиерот Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, откри дел од заканите што, според него, ги добивал од осомничениот.

„Сум бил свиња и сакал да ме коле на плоштад“, рече Мицкоски.

Обвинителството барало притвор поради опасност од бегство, но и поради проценка дека постои ризик од повторување на делото. Во предлогот до судијата на претходна постапка било наведено дека осомничениот и претходно се појавувал како извршител на кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, како и на повеќе прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.

Според обвинителството, досегашното однесување на осомничениот укажува на конфликтна личност која често влегува во расправии, упатува закани и учествува во физички пресметки.

„Се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“, наведуваат од Обвинителството.

Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и на осомничениот му определил мерка притвор во траење од осум дена.

За кривичното дело „Загрозување на сигурноста“, согласно член 144 од Кривичниот законик, се предвидуваат парични и затворски казни, зависно од околностите и начинот на извршување на делото.

CATEGORIES
Share This