ЧЕКАМЕ ДА ГО ЗЕМАТ ТОА ШТО ГО ПОБАРАЛЕ Мицкоски најави нови случаи на корупција

Премиерот тврди дека има пријави за уште неколку институции и ги повика граѓаните да не молчат кога од нив се бара мито.

ЧЕКАМЕ ДА ГО ЗЕМАТ ТОА ШТО ГО ПОБАРАЛЕ Мицкоски најави нови случаи на корупција
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски откри дека надлежните следат уште неколку случаи во кои постојат сомнежи за корупција и барање мито во институциите. Тој ги повика граѓаните да пријават доколку од нив службени лица побараат пари или друга противуслуга.

Одговарајќи на прашање за неодамна обелоденетите случаи со барање мито, Мицкоски посочи дека веќе има пријави и за нови случаи кои се предмет на следење.

„Следиме уште неколку случаи на корупција во институциите и чекаме и тоа, да го земат тоа што го побарале од граѓаните. Ги повикувам граѓаните да пријавуваат! Има пријави на неколку случаи во институции“, изјави Мицкоски.

Премиерот не откри за кои институции станува збор, ниту колку лица се опфатени со пријавите. Не се соопштени ниту сумите што наводно биле барани од граѓаните.

Најавата доаѓа по низа случаи во изминатиот период во кои надлежните органи постапуваа по сомнежи за барање и примање мито во институциите.

CATEGORIES
Share This