ВРХОВЕН СУД СО ПРЕСВРТ ЗА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ Укината пресудата, предметот се враќа на повторно судење
По одлуката на највисокиот суд, се укинуваат пресудите на Основниот и Апелациониот суд, а случајот повторно оди пред првостепениот суд.

Врховниот суд ја укина пресудата со која поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, беше осуден на затворска казна во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош. Предметот е вратен на Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.
Советот за казниви дела на Врховниот суд на седницата одржана на 9 септември го уважил барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку неговиот бранител, адвокатот Виктор Цветковски од Куманово.
Со одлуката се укинати пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 23 април 2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 15 мај 2026 година. Предметот сега повторно се враќа пред првостепениот суд.
Јакимовски во април 2025 година беше осуден на единствена казна од три години и шест месеци затвор за две кривични дела бесправно градење и злоупотреба на службената положба и овластување.
За бесправното градење му беше изречена казна од една година затвор, додека за злоупотребата на службената положба му беше определена казна од три години.
Кривичниот суд тогаш одлучи и административниот објект на Општина Карпош на улицата „Радика“ број 9 да биде одземен во корист на државата, а во казната требаше да биде засметано и времето кое Јакимовски го поминал во куќен притвор.
Апелациониот суд во мај 2026 година делумно ја преиначи одлуката. Ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење, додека во делот што се однесува на злоупотребата на службената положба предметот го врати на повторно судење.
По правосилноста на пресудата за бесправното градење, Јакимовски доби упатен акт и се јави на издржување на казната во затворот „Скопје“.
Со најновата одлука на Врховниот суд, сепак, укинати се пресудите на двата суда и целиот предмет е вратен на првостепено постапување.
Од Врховниот суд информираат дека Советот за казниви дела на 9 септември донел пресуда КВП КОК2-18/26, со која го уважил барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.

