КОЈ ГИ ДАДЕ 300 МИЛИОНИ ЗА ПРОСЛАВАТА Владата конечно откри од каде се парите
Марија Митева тврди дека средствата не биле директно земени од Буџетот, туку од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година.

Владината портпаролка Марија Митева појасни дека 300 милиони денари предвидени за одбележувањето на 35-годишнината од независноста не биле обезбедени директно од државниот Буџет, туку од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година.
Митева објасни дека на 167. седница на Владата, одржана на 28 април 2026 година, биле утврдени активностите за одбележување на јубилејот. Планот предвидувал настап на светски артист од А-класа пред најмалку 30 илјади посетители, уште еден настан со интернационална ѕвезда, како и најмалку 12 настани на различни локации низ државата.
„Со истиот заклучок беше укажано на Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните“, изјави Митева.
Таа додаде дека Државна лотарија имала обврска да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорираните настани.
Според Митева, станува збор за средства од добивката на државното акционерско друштво, а не за средства кои директно биле повлечени од Буџетот за финансирање на прославата.

