ЈОВАНОВ ОД СЛЕПЧЕ Наша должност е оваа голгота да не биде заборавена

По 79 години за првпат спомен за Македонците од Егејскиот дел на Македонија кои биле прогонети за време на Граѓанската војна во Грција.

ЈОВАНОВ ОД СЛЕПЧЕ Наша должност е оваа голгота да не биде заборавена
Фото: Национал

Во манастирот „Свети Јован Претеча“ во селото Слепче, Демирхисарско, за првпат беше одржана спомен-средба посветена на Македонците од Егејскиот дел на Македонија кои за време на Граѓанската војна во Грција, од 1946 до 1949 година, биле принудени да ги напуштат своите домови.

Настанот го организираше Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, а во манастирот беше одржана и панихида за починатите и настраданите.

Во 1947 и 1948 година, манастирот „Свети Јован Претеча“ бил користен како привремено засолниште за македонските семејства кои пристигнувале поради воените дејства, прогони и бомбардирања. Таму била организирана и привремена болница, а биле згрижувани и голем број деца.

Со помош на Црвениот крст на Македонија, децата подоцна биле распоредувани во детски домови во Македонија и тогашна Југославија, а дел биле испратени и во земјите од Источниот блок.

Претседателот на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, Ташко Јованов, порача дека одржувањето на спомен-средбата претставува обврска кон жртвите и кон идните генерации.

„Голема и неизмерно болна е голготата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија“, истакна Јованов.

Тој потсети дека токму во манастирот „Свети Јован Претеча“ во 1947 и 1948 година биле згрижувани Македонци кои пристигнувале по тешкиот премин од Егејскиот дел на Македонија. Јованов најави дека Форумот ќе продолжи да ја организира спомен-средбата секоја година.

„Наша должност е да не дозволиме оваа голгота да биде заборавена. Да ги споменуваме жртвите, да ја пренесуваме вистината на идните поколенија и достоинствено да го чуваме споменот на сите Македонци кои биле прогонети од своите вековни огништа“, порача тој.

Организаторите најавија дека спомен-средбата ќе се одржува секоја година по повод 8 Септември, а во манастирот се планира поставување и спомен-плоча како трајно сведоштво за неговата улога во згрижувањето на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

CATEGORIES
Share This