МИЦКОСКИ СО НАЈАВА ЗА СТРУЈАТА Зошто да не се обидеме да ја поевтиниме

Владата подготвува методологија со која цената би останала иста, но се отвора можност и за нејзино намалување.

МИЦКОСКИ СО НАЈАВА ЗА СТРУЈАТА Зошто да не се обидеме да ја поевтиниме
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Штип најави дека Владата подготвува методологија со која ќе се настојува цената на електричната енергија за домаќинствата да остане на сегашното ниво, но остава простор и за нејзино намалување.

Одговарајќи на новинарски прашања за енергетската состојба и цената на струјата, Мицкоски порача дека приоритет е да се заштити животниот стандард на граѓаните, особено во услови на глобални економски и геополитички предизвици.

„За струјата, правиме методологија да се обидеме, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и да се обидеме да ја поевтиниме“, изјави Мицкоски.

ВЛАДАТА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА

Премиерот посочи дека во мандатот на актуелната Влада досега немало зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, и покрај глобалните енергетски и безбедносни предизвици. Според него, земјата ја очекува стабилна грејна сезона, а производните енергетски капацитети веќе се подготвуваат за зимскиот период.

„Состојбата е стабилна, ќе имаме стабилна зима, ќе имаме снабдување со електрична енергија во согласност со потребите на граѓаните и бизнисот. Ние како Влада сме фокусирани на тоа и ги подготвуваме нашите производни капацитети“, рече Мицкоски.

Грејната сезона, како што додаде, се очекува да започне за околу еден и пол месец, односно на почетокот на ноември, во зависност од временските услови.

ХИДРОАКУМУЛАЦИИТЕ НА РЕЧИСИ 50 ОТСТО

Осврнувајќи се на состојбата со хидроакумулациите, Мицкоски информираше дека нивната исполнетост во моментов е речиси 50 проценти. Тој посочи дека нискиот водостој претставува проблем со кој се соочува цела Европа, каде што во текот на летото имало прекини или ограничувања во работата на дел од нуклеарните, термо и хидроцентралите.

„Знам дека не е сè идеално, знам дека е тешко, но е многу подобро за разлика пред три години и убеден сум дека за три години ќе биде многу подобро од денес“, порача премиерот.

ЌЕ СЕ МЕНУВААТ МЕРКИТЕ ЗА ГОРИВАТА, ДОКОЛКУ КРИЗАТА СЕ ЗГОЛЕМИ

Во однос на цените на нафтените деривати, Мицкоски повтори дека Македонија има едни од најниските цени во регионот. Тој посочи дека Владата и натаму применува мерки, меѓу кои и намалено ниво на акцизата, но нагласи дека нивниот интензитет ќе зависи од развојот на глобалната криза.

„Во зависност од интензитетот на кризата, така ќе ги димензионираме мерките“, рече Мицкоски.

Според него, при носењето на мерките мора да се води сметка истовремено за заштитата на граѓаните и за зачувување на макроекономската и фискалната стабилност.

МИЦКОСКИ: РАСТОТ ВО ВТОРИОТ КВАРТАЛ Е 4,3 ОТСТО

Премиерот се осврна и на економските показатели, наведувајќи дека реалниот економски раст во вториот квартал достигнал 4,3 проценти, по растот од 3,1 процент во првиот квартал.

Тој посочи и на намалувањето на инфлацијата, растот на извозот во однос на увозот и зголемувањето на вработеноста.

„Креиравме нови 17.000 работни места и сето тоа се предизвици кои изминативе 26-27 месеци се решаваат“, истакна Мицкоски.

Изјавата премиерот ја даде во Штип по пуштањето во употреба на новиот Спортско-рекреативен центар „Џексон“.

CATEGORIES
Share This