ЈАКОВ И ИЛИЕВСКИ ЈА „СТИСНАА“ ЈАНЕВСКА – МОН го повлекува сексуалното образование

По жестоките реакции во јавноста, министерката Весна Јаневска најави длабока ревизија на програмата и проверка „збор по збор“ на нејзината содржина.

ЈАКОВ И ИЛИЕВСКИ ЈА „СТИСНАА“ ЈАНЕВСКА – МОН го повлекува сексуалното образование
Фото: Принтскрин

По жестоките реакции во јавноста на епископот  Јаков и Државниот просветен инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски, Министерството за образование и наука одлучи да ја повлече наставната програма за изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ во средното образование.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска соопшти дека предметот, кој требаше да биде изборен за средношколците од прва до четврта година, ќе биде подложен на темелна ревизија.

Јаневска појасни дека станува збор за изборен, а не задолжителен предмет, што значи дека учениците би можеле да го изучуваат само доколку самите изберат да го слушаат.

„Ние во овој момент ја повлековме програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста“, изјави Јаневска.

Таа додаде дека целта е детално да се разгледа содржината на програмата и да се утврди дали во неа постојат елементи што би можеле да предизвикаат забелешки.

Што предвидуваше програмата?

Според министерката, наставната програма опфаќала теми поврзани со семејството, заштитата од сексуално преносливи болести, превенцијата од несакана бременост, родовата рамноправност и недискриминацијата. Јаневска посочи дека лично ќе се вклучи во процесот на ревизија, заедно со Бирото за развој на образованието.

„Јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа“, рече министерката.

Јаневска: Постојат научни докази дека сексуалното образование е корисно

Министерката истакна дека постојат научни докази оти сексуалното образование во средните училишта може да биде корисно, особено во периодот кога младите се соочуваат со прашањата и проблемите што се опфатени со предметот.

Таа повторно нагласи дека предметот бил предвиден како изборен и дека можеле да го изучуваат само учениците кои самите ќе се определат за него.

„Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем“, додаде Јаневска.

Од МОН сега најавуваат детална ревизија на програмата, по што ќе биде одлучено дали и во каква форма предметот повторно ќе биде понуден на средношколците.

Потсетуваме, во изминатите денови токму епископот Јаков и Државниот просветен инспектор во пензија Ѓорѓи Илиевски побараа оставка од министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Нивните реакции, а особено Илиевски, кој, веќе подолг период пишува за состојбите во образованието, отворија жестока јавна дебата за политиките и состојбите во македонскиот образовен систем, а сега со повлекувањето на програмата за „Сеопфатно сексуално образование“ повторно се наметнува прашањето дали критиките до МОН конечно дадоа резултат.

ПРИЛОГ КОН ОТВОРЕНОТО ПИСМО НА ЕПИСКОПОТ ЈАКОВ Каде е принципот? Каде е образот? – се бара оставка од Јаневска

CATEGORIES
TAGS
Share This