ПЛЕНКОВИЌ БЕГА ОД ХРВАТСКА – ХДЗ тоне, Госпиќ букти а премиерот гледа кон Брисел
Мост ја наместува замската, десницата расте, а Пленковиќ сè потешко ја контролира ситуацијата.

Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) месец по месец бележи пад на популарноста, додека премиерот Андреј Пленковиќ повторно се најде меѓу најнепопуларните политичари во земјата. По една деценија на власт, за првпат се отвора сериозен простор за појава на нова политичка сила која би можела да го наруши досегашниот политички баланс во Хрватска.
Особено внимание привлекува граѓанската иницијатива од Госпиќ, која би можела да прерасне во политичка партија. Нејзиниот потенцијал, според анализите, не се темели само на борбата против загадувањето и проблемот со опасниот отпад во Лика, туку и на поширок спектар прашања што ги засегаат граѓаните.
Падот на рејтингот во владејачката партија очигледно го сфаќаат сериозно. Особено чувствителен е проблемот со санацијата на опасниот отпад во Лика, бидејќи решавањето на кризата не може да се спроведе со брзината што ја очекуваат локалните жители.
Политичкиот аналитичар Иван Ромац предупредува дека доколку процесот се одолговлекува, а отпадот евентуално биде префрлен на друга локација во Хрватска, незадоволството би можело дополнително да порасне. Според него, начинот на кој власта се однесува кон протестите може дополнително да го продлабочи јазот меѓу граѓаните и владејачката политика.
По речиси десет години на власт, Пленковиќ се соочува со политички амбиент кој долго време не бил толку неповолен за него. Протестите во Загреб се толкуваат како сериозно предупредување дека граѓанското незадоволство повеќе не може лесно да се игнорира. Дополнителен проблем се и постојаните политички пресметки со претседателот Зоран Милановиќ, кои значителен дел од јавноста ги доживува како бескорисни конфликти што ѝ штетат на државата.
Истовремено, сè помалку граѓани се убедени во приказната за хрватското „економско чудо“, особено поради заминувањето на огромни средства од европските фондови и прашањето колку од тие инвестиции навистина го подобриле секојдневниот живот.
Во сенка на падот на ХДЗ, десничарската Мост бележи посилна поддршка. Партијата некогаш беше коалициски партнер на ХДЗ, но по разделбата се претвори во еден од најжестоките политички противници на Пленковиќ. Аналитичарите проценуваат дека доколку продолжи трендот на раст на десничарските партии, ХДЗ би можела да се соочи со сериозен предизвик. Во Мост, пак, не ја кријат амбицијата и падот на Пленковиќ да го претворат во можност за ново политичко прегрупирање, па дури и за идно партнерство со ХДЗ, но без актуелниот премиер.
Паралелно со падот на неговата популарност во Хрватска, повторно се засилуваат шпекулациите дека Пленковиќ размислува за висока функција во Европската Унија. Хрватскиот „Национал“ објави дека Португалецот Педро Варгас Сантос Давид, нов сопственик на телевизијата Н1 во Хрватска, го смета Пленковиќ за еден од најсериозните кандидати за иден претседател на Европската комисија.
Иако европските избори и идните договори за распределба на највисоките функции во ЕУ се уште се далеку, зачестеното ангажирање на Пленковиќ околу европските теми повторно ги разгоре ваквите шпекулации. Особено внимание предизвика неговата јавна критика кон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, поради нејзината реакција на настаните во Србија.
Дали Пленковиќ навистина гледа кон Брисел како кон следната политичка дестинација, или станува збор само за шпекулации, останува отворено прашање. Но едно е сигурно, по десет години власт, политичката позиција на хрватскиот премиер веќе не изгледа недопирливо.

