AfD ЈА ПОДЕЛИ ЕВРОПА Салвини и Орбан слават, Туск жестоко удри
Изборниот успех на германската крајна десница предизвика спротивставени реакции во Италија, Полска и Унгарија.

Победата на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) на покраинските избори во Саксонија-Анхалт предизвика остро поделени реакции меѓу европските политичари – од честитки и оценки дека резултатот е сигнал за промени, до предупредувања дека станува збор за загрижувачки развој.
Во Италија, лидерот на Лигата и вицепремиер Матео Салвини го поздрави изборниот резултат на AfD како „голем успех“, оценувајќи дека тој ја покажува потребата од промени, безбедност и работни места. Тој ѝ честиташе и на копретседателката на AfD, Алис Вајдел, како и на кандидатот Улрих Зигмунд. Од друга страна, вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани го оцени резултатот како „многу лоша вест“ и успех на политичка сила спротивна на либералните и западните вредности. Италијанската премиерка Џорџа Мелони засега не го коментираше резултатот.
Остри критики пристигнаа и од Полска. Премиерот Доналд Туск изјави дека во Полска „само идиоти или предавници“ можат да се радуваат на триумфот на AfD, притоа посочувајќи на дел од опозициските партии. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, пак, оцени дека изборниот резултат претставува „многу загрижувачки сигнал“.
Спротивен став изрази поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, кој ѝ честиташе на AfD за изборната победа, оценувајќи дека тоа била „одлична ноќ за Германија и Европа“.
Различните реакции на европските политичари ја отсликуваат поделбата околу растот на поддршката за десничарските и крајнодесничарските политички сили во Европа, при што едни во резултатот гледаат барање за промени, а други предупредуваат на ризик за либералните и демократските вредности.

