СПОМЕН БИСТА ЗА ЏОЧЕ ВО СТРУМИЦА На тапанот 63 ѕвезди за жртвите од Кочани

Спомен-бистата на тапанарот на „ДНК“, Ѓорѓи Ѓорѓиев – Џоче, е поставена како траен спомен за музичарот и за 63-те жртви во трагедијата во „Пулс“

СПОМЕН БИСТА ЗА ЏОЧЕ ВО СТРУМИЦА На тапанот 63 ѕвезди за жртвите од Кочани
Фото: Национал

Во Струмица е поставена спомен-биста на Ѓорѓи Ѓорѓиев – Џоче, тапанарот на групата „ДНК“, кој го загуби животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година.

Спомен-бистата е поставена на стилизиран тапан, а на него се врежани 63 ѕвезди, симбол за сите жртви кои ги загубија животите во трагедијата.

„Изгубивме чедо кое не беше само наше, туку и на Струмица. Затоа упатувам благодарност до сите кои помогнаа да се реализира ова. Овој споменик нека биде потсетник дека на 16 март 2025 година во Кочани згаснаа 63 животи кои никогаш нема да бидат заборавени. Нека ова биде последен ваков трагичен случај и потсетник дека мора да се води поголема грижа и контрола за безбедноста на нашите деца во јавните објекти“, порача таткото на Џоче, Драги Ѓорѓиев.

Иницијативата за подигање на спомен-бистата потекна од неговите пријатели и музички колеги, а поддршка за реализацијата даде и Општина Струмица. Преку социјалните мрежи беа собирани донации за идејното решение и изработката на бистата, како и за уредување на просторот и инфраструктурата во паркот.

Џоче беше испратен со музика, токму она што беше неговиот животен повик. Млади струмички музичари, со кои соработувал во различни бендови и на бројни настани, му оддадоа почит со свои настапи.

„Џоче не беше само професионален колега, туку и вистински другар кој секогаш помагаше. Преку музиката и тапанот ја пренесуваше својата позитивна енергија. Мислевме дека ќе ни биде лесно, но не беше така. Сепак, успеавме повторно да пееме за Џоче и за останатите ангели од Кочани, бидејќи сметам дека мора да се сеќаваме на нив“, изјави Ана Цамбулева.

Особено емотивен беше настапот на Благица Калева, со која Џоче ја започнал својата музичка кариера. Таа ја изведе валандовската песна „Солзи немам“, по што на сцената ѝ се придружи и мајката на Џоче, Зорица Ѓорѓиева.

Спомен-бистата во Струмица останува како траен потсетник за Џоче, неговата музика и енергијата што ја споделуваше со сите околу себе, но и како спомен за 63-те животи згаснати во трагедијата во Кочани.

CATEGORIES
Share This