КРВАВА СВАДБА НА ЛОРКА ДОБИВА НОВО ЛИЦЕ Македонскиот режисер Филип Петковски со премиера во Благоевград
Преку танц, движење и балканскиот фолклор, познатата трагедија за љубовта, честа и забранетата желба се претвора во современ сценски ритуал.

На 7 септември, во Драматичниот театар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, премиерно ќе биде изведена „Крвава свадба“ од Федерико Гарсија Лорка, во режија, драматуршка адаптација и кореографија на македонскиот режисер Филип Петковски.
Постановката ја претвора познатата трагична приказна за љубовта, честа и семејството во современ сценски ритуал, комбинирајќи физички театар, танц и балканско фолклорно наследство.
Говорот не е во прв план, туку движењето и кореографијата преку кои актерите ги изразуваат емоциите на ликовите. Музиката на Петар Дундаков, сценографијата на Мартин Манев и костимите на Антонија Гугинска Јорданоска го дополнуваат специфичниот сценски израз.
Филип Петковски е режисер, кореограф и доктор на науки од областа на изведбените уметности. Неговата претстава „Ифигенија за ништо“ во 2025 година освои три награди на фестивалот „Стоби“, меѓу кои Гран при и наградата за најдобра режија.

