ДОСТА СО ЛАЖНИТЕ ПРИКАЗНИ ЗА САМОСТОЈНОСТА Единствена Македонија со повик до владата за национална конференција

Партијата бара соочување на тогашните актери, историчари и познавачи на состојбите, со аргументи, контрааргументи и документи за настаните од 1991 година.

ДОСТА СО ЛАЖНИТЕ ПРИКАЗНИ ЗА САМОСТОЈНОСТА Единствена Македонија со повик до владата за национална конференција
Фото: Единствена Македонија

Како што се наближува 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, повторно сме сведоци на голема промоција на одредени приказни за настаните од 1991 година, во кои тогашните македонски политички раководители се претставуваат како луѓе кои биле ставени пред најголеми можни искушенија, наводно биле под постојана закана од ликвидација, додека Македонија била пред опасност да биде поделена меѓу соседните држави.

„Единствена Македонија“ смета дека македонската јавност заслужува нешто повеќе од овие лажни приказни во поновата македонска историја.

Ако навистина постоеле планови на тогашната југословенска воена безбедносна служба КОС за ликвидација на македонски политички раководители кои се конкретните докази за тоа? Кои документи, сведоштва и архивски материјали го потврдуваат тоа?

Ако, пак, постоела реална опасност Македонија да биде поделена меѓу соседите, кој конкретно ја спречил таа поделба? Кој ги спречил тогашните центри на моќ, ЈНА и соседните држави, доколку навистина имале такви намери?

И уште поважно: каде се документите и доказите што треба да ја потврдат оваа верзија на историските настани?

Не можеме 35 години подоцна да градиме историја исклучиво врз политички изјави, медиумски толкувања и лични сведоштва на тогашни новинари и политичари кои си ја перат совеста за тоа што го работеа а сега сакаат да се прикажат во поинакво светло, без тие тврдења да бидат ставени на проверка пред македонската јавност.

Можно е во тој период да постоеле закани, политички притисоци и воени блефирања. Но едно е политичка и воена закана, а сосема друго е конкретен план за ликвидација или поделба на државата.

Токму затоа, „Единствена Македонија“ бара вистината за 1991 година да не биде ничија сопственост.

Апелираме до Владата на Македонија да организира голема национална конференција посветена на настаните околу осамостојувањето на Македонија.

На конференцијата треба да бидат поканети тогашните политички и државни функционери, учесници во процесот на осамостојувањето, тогашни новинари, дипломати, припадници на безбедносните структури, историчари, воени аналитичари, истражувачи на архивите и независни познавачи на југословенските и балканските политички состојби.

Секој да ги изнесе своите аргументи, но и контрааргументите. Секое тврдење да биде поткрепено со документи, сведоштва и факти.

Да се отворат архивите. Да се покажат документите. Да се соочат различните сведоштва. Да се слушнат и оние кои имаат поинакво видување на настаните.

Македонскиот народ има право да знае што навистина се случувало во тоа време.

Независноста на Македонија е премногу значаен историски чин за околу неа да се создаваат политички митови, лични легенди и еднострани приказни.

„Единствена Македонија“ смета дека 8 Септември треба да биде ден на гордост, но и повод за кажување на вистината околу тоа кој ја растури Југославија со план за самостојни држави вклучувајќи ја и Македонија. И така биднаа самостојните држави на просторот на Југославија.

Време е да ги отвориме архивите и фактите да зборуваат.

CATEGORIES
TAGS
Share This