СКАНДИРАА ЗА РАТКО МЛАДИЌ, А СЕГА СТИГНА СМЕТКАТА – УЕФА ја казни ѕвезда со 98.250 евра, казнет и Борац Бања Лука
Српскиот шампион без организирани навивачи на еден европски гостински натпревар, Букари суспендиран на три меча.

Црвена звезда доби сериозна казна од УЕФА поради однесувањето на навивачите и на тимот на натпреварот против Викторија Плзен во Лигата на Европа, кој српскиот шампион го загуби со убедливи 5:1. Дисциплинската комисија на УЕФА донесе одлука Црвена звезда да биде казнета со вкупно 98.250 евра, а клубот ќе мора да се соочи и со забрана за организирана продажба на билети за своите навивачи за еден гостински натпревар во европските клупски натпреварувања.
Причина за санкциите, меѓу другото, е расистичкото и/или дискриминаторското однесување на навивачите, како и истакнувањето порака која УЕФА ја оценила како несоодветна за спортски настан. На натпреварот во Плзен, навивачите на Црвена звезда скандираа и во чест на Ратко Младиќ.
ТРИ НАТПРЕВАРИ СУСПЕНЗИЈА ЗА БУКАРИ
Најсериозната индивидуална санкција ја доби Осман Букари. Крилниот напаѓач на Црвена звезда е суспендиран на три натпревари во клупските натпреварувања на УЕФА поради напад врз противнички играч.
КАЗНИТЕ ЗА ЦРВЕНА ЗВЕЗДА
Според одлуката на Контролното, етичко и дисциплинско тело на УЕФА (CEDB):
- 40.000 евра за расистичко и/или дискриминаторско однесување на навивачите;
- 50.000 евра за истакнување порака несоодветна за спортски настан;
- 8.250 евра за несоодветно однесување на тимот;
- забрана за продажба на билети на своите навивачи за еден гостински натпревар во клупските натпреварувања на УЕФА.
Дополнително, УЕФА активирала и претходно условно изречена дисциплинска мерка од април 2025 година, со која на Црвена звезда ѝ е изречена забрана за продажба на билети за навивачите за уште еден гостински натпревар.
Новата забрана за втор гостински натпревар е условно одложена на две години, што значи дека ќе стапи на сила доколку клубот во тој период повторно направи прекршок за кој УЕФА ќе изрече активирање на санкцијата.
КАЗНА И ЗА БОРАЦ БАЊА ЛУКА
На удар на дисциплинската комисија на УЕФА се најде и Борац Бања Лука по натпреварот против Викингур Рејкјавик, кој босанскиот клуб го доби со 3:1.
Борац е казнет со 37.500 евра, а ќе мора да одигра и натпревар пред делумно затворен стадион.
Клубот доби:
- 30.000 евра за расистичко и/или дискриминаторско однесување на навивачите;
- 4.000 евра за несоодветно однесување на тимот;
- 3.500 евра за палење пиротехнички средства.
Покрај финансиската казна, Борац ќе мора да затвори 800 соседни седишта на источната трибина на еден домашен натпревар во европските натпреварувања.
УЕФА истовремено ја активирала и претходно условната санкција од февруари 2025 година, која предвидува делумно затворање на 500 соседни седишта на источната трибина на следниот европски натпревар на кој Борац ќе биде домаќин.
Членот на стручниот штаб на Борац, Богољуб Жељковиќ, е казнет со дополнителни 2.000 евра поради навредување и упатување навредливи зборови кон службено лице на натпреварот.
И оваа условна санкција за дополнително затворање на стадионот е одложена за период од две години.

