МЕЛОНИ ГО СОБОРИ БЕРЛУСКОНИ Стана премиерка со најдолг мандат во повоена Италија
Владата на Мелони денеска го достигна 1.413-тиот ден на власт, еден ден повеќе од вториот кабинет на Силвио Берлускони.

Џорџија Мелони стана италијанската премиерка со најдолг непрекинат мандат во историјата на Италија по Втората светска војна, откако нејзината влада денеска го достигна 1.413-тиот ден на власт. Со тоа Мелони го надмина досегашниот рекорд на втората влада на Силвио Берлускони, која од 2001 до 2005 година остана на власт 1.412 дена.
Рекордот има особена тежина во Италија, земја позната по честите промени на владите. Од прогласувањето на Република Италија во 1946 година, земјата имала речиси 70 влади, а просечното времетраење на една влада е нешто повеќе од една година.
Мелони стана премиерка во октомври 2022 година, предводејќи ја коалицијата составена од нејзината партија „Браќа на Италија“, „Лига“ на Матео Салвини и „Форца Италија“.
Иако пред изборите најавуваше значителни промени во италијанската надворешна политика, нејзината влада во голема мера го продолжи курсот на претходните кабинети, особено во односите со Европската Унија и НАТО.
Од редовите на „Браќа на Италија“ рекордот го оценуваат како доказ за политичката стабилност што ја донесе владата на Мелони. Поддржувачите посочуваат дека Рим во изминатиот период ја зајакнал својата позиција во Европа, особено во темите како миграцијата и енергетската политика.
Аналитичарите, пак, сметаат дека рекордната долговечност може да ѝ помогне на Мелони пред парламентарните избори во 2027 година, но предупредуваат дека стабилноста сама по себе не гарантира изборен успех.
Нејзината влада годинава претрпе политички удар по поразот на референдумот за судската реформа. Дополнително, не се реализирани дел од клучните коалициски ветувања, меѓу кои реформата на правосудството, зајакнувањето на овластувањата на премиерот и зголемувањето на регионалната автономија.
Опозицијата ја критикува владата дека не ја искористила политичката стабилност за значително подобрување на животниот стандард и конкурентноста на италијанската економија.
Италијанската економија годинава се очекува да порасне за само 0,6 отсто, додека реалните плати со децении бележат минимален раст.
Во пресрет на изборите во 2027 година, дополнителен предизвик за Мелони може да биде појавата на нови политички сили на десницата. Партијата на поранешниот генерал Роберто Ваначи, „Национална иднина“, според анкетите има околу седум отсто поддршка и би можела да влијае врз распределбата на гласовите во десниот политички блок.
Сепак, владејачката коалиција засега има корист од поделбите во левичарската опозиција и од намалената излезност на изборите.
На изборите во 2022 година излезноста беше околу 64 отсто, што беше историски минимум, а на изборите за Европскиот парламент во 2024 година падна под 50 отсто.
Според италијанските политички аналитичари, токму апатијата и незадоволството кај значителен дел од граѓаните би можеле да бидат меѓу најголемите фактори на изборите во 2027 година.
Трошоците за живот, состојбата на јавниот здравствен систем, безбедноста и миграцијата се меѓу главните грижи на Италијанците.
И покрај критиките, дел од поддржувачите на Мелони сметаат дека резултатите не треба да се очекуваат преку ноќ и дека стабилноста на владата е позитивен знак.
„Потребно е време, но ситуацијата се подобрува“, е ставот на дел од нејзините поддржувачи.

