РУДАРСТВОТО ТОНЕ Производството падна за 5,9%, а бројот на работници за 7,8%
Од „И здравје и работа“ бараат нов инвестициски циклус и модернизација на секторот, посочувајќи го проектот Иловица–Штука како потенцијална инвестиција од околу 350 милиони евра.

Македонското рударство се соочува со сериозен пад на производството и вработеноста, што повторно го отвора прашањето за потребата од нови инвестиции, технолошка модернизација и јасна развојна стратегија за секторот.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, производството во секторот „Рударство и вадење камен“ во јули годинава е намалено за 5,9 отсто во однос на истиот месец лани. Дополнително загрижува фактот што бројот на вработени во рударството бележи пад од 7,8 отсто.
Од иницијативата „И здравје и работа“ оценуваат дека овие показатели не смеат да останат само статистички податоци, туку треба да бидат сигнал за сериозен пристап кон иднината на македонското рударство.
„Намалувањето на производството и губењето на работните места се предупредување дека на секторот му е потребен нов развоен циклус. Не треба немо да гледаме како се намалува индустриската активност и како рударството со години останува без нови големи инвестиции“, велат од иницијативата.
Според нив, рударството повторно може да биде значаен двигател на економскиот раст, но за тоа се неопходни инвестиции во нови технологии, модернизација на производството, подобри безбедносни стандарди и предвидлива инвестициска политика.
Како пример за потенцијална инвестиција што би можела значително да го промени македонскиот рударски сектор го посочуваат проектот Иловица-Штука, кој се поврзува со инвестиција од околу 350 милиони евра.
Проектот предвидува производство на бакар, отворање на стотици директни и илјадници индиректни работни места, но и зголемување на извозниот потенцијал на земјата.
Од „И здравје и работа“ нагласуваат дека дискусијата не треба да се сведе само на еден рударски проект, туку на поширокото прашање – дали Македонија сака да изгради современа и конкурентна рударска индустрија.
„Ако сакаме повторно да имаме растечко рударство, потребно е да создадеме услови за инвестиции во нови рудници, геолошки истражувања, модернизација и современи технологии. Ова не е прашање само на еден проект, туку на развојната политика на државата“, порачуваат од иницијативата.
Од таму додаваат дека иднината на рударството не може да се гради според моделите од минатото. Новите рударски проекти, според нив, треба да се темелат на дигитализација, повисока безбедност, напредни технологии и високи стандарди за заштита на животната средина.
Особено внимание, како што посочуваат, треба да се посвети на заштитата на водата, почвата и биодиверзитетот, како и на интересите на локалните заедници.
„Не треба да се поставува дилема меѓу економскиот развој и заштитата на животната средина. Потребни се инвестиции што ќе ги исполнуваат највисоките стандарди и ќе покажат дека економскиот развој и заштитата на здравјето и природата можат да одат заедно“, велат од „И здравје и работа“.
Од иницијативата апелираат падот на производството и бројот на вработени во рударството да биде сфатен како сигнал за конкретна акција, а не само како уште една ставка во месечните статистички извештаи.
„Ако сакаме рударството повторно да биде силен мотор на економскиот раст и развој, условите за нови инвестиции треба да ги создадеме денес. Во спротивно, утре ќе се соочиме со прашањето зошто индустријата продолжила да се намалува“, порачуваат од „И здравје и работа“.

