НОВА ФУДБАЛСКА АРЕНА ВО МОГИЛА Од локалниот терен до големите соништа

Могила е втората општина во земјава која доби терен во рамки на проектот „FIFA Arena“, со цел создавање подобри услови за најмладите.

НОВА ФУДБАЛСКА АРЕНА ВО МОГИЛА Од локалниот терен до големите соништа
Фото: Принтскрин

Во Могила, Битолско, денеска официјално беше пуштен во употреба новиот фудбалски терен, втор во Македонија изграден во рамки на глобалната иницијатива „FIFA Arena“ на ФИФА, чија цел е унапредување на базичниот фудбал и создавање подобри услови за спортски развој на децата и младите.

На свеченото отворање присуствуваа генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Леонид Јандреоски, поранешните македонски фудбалски репрезентативци Николчe Новески и Ѓорги Христов, градоначалникот на Општина Могила, Драганчо Саботковски, претставници на локалната самоуправа, како и најмладите жители и фудбалери од општината.

По Босилово, Могила е втората општина во земјава која добива современ фудбалски терен преку проектот „FIFA Arena“. Новото игралиште ќе го користат локалните фудбалски школи, децата и младите од општината, но и за активности во рамки на програмата „Фудбал во училишта“.

Свеченоста беше збогатена и со присуството на фудбалските легенди Новески и Христов, кои со своето учество испратија порака дека патот до професионалниот спорт и големите фудбалски сцени често започнува токму од локалните терени.

Проектот „FIFA Arena“ е глобална иницијатива на ФИФА за изградба на 1.000 нови фудбалски терени низ светот, со акцент на средините каде што децата и младите имаат ограничен пристап до спортска инфраструктура.

Со новиот терен, Могила добива простор не само за спорт, туку и за дружење, развој и создавање нови генерации фудбалери. Можеби токму од овој терен ќе започне и некоја нова фудбалска приказна.

CATEGORIES
Share This