СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН ВЕЧЕРВА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА Над 120 артисти ќе ја раскажат приказната за 35 години независност

Музика, глума и танц во мултимедијален спектакл кој го заокружува патувањето низ 11 македонски градови.

СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН ВЕЧЕРВА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА Над 120 артисти ќе ја раскажат приказната за 35 години независност
Фото: Принтскрин

Во рамки на одбележувањето на 35 години независност на Македонија, вечерва на Плоштад Македонија ќе се одржи мултимедијалниот сценски спектакл „Силно светнал ден“, со учество на повеќе од 120 артисти.

Настанот започнува во 20 часот, а преку музика, глума и танц ќе ја раскаже приказната за изминатите три и пол децении од независноста на државата. Публиката ќе има можност да проследи приказна за најзначајните историски моменти, но и за подемите, предизвиците и достигнувањата што го одбележаа периодот.

Караванот „Силно светнал ден“ своето патување низ Македонија го започна на 9 август од Охрид, а досега гостуваше во 11 градови низ земјата. Во реализацијата учествуваат повеќе познати македонски музички изведувачи и актери.

Централната прослава по повод 35-годишнината од независноста ќе се одржи на 8 септември, Денот на независноста, кога на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје ќе настапи светски познатиот диџеј и хаус-продуцент Давид Гета.

Според најавите, Гета ќе го претстави „The Monolith Stadium Show“, со што одбележувањето на јубилејот ќе добие голема музичка завршница.

Музичката програма посветена на 35 години независност ја подготвува „Авалон продукција“ во соработка со Владата.

CATEGORIES
Share This