БАРАЈТЕ БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧЕ – Јаневска со порака до првачињата за празните училишта

Учебната година започнува со 433 паралелки помалку, а 148 подрачни и регионални училишта се затворени поради намалениот број ученици.

БАРАЈТЕ БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧЕ – Јаневска со порака до првачињата за празните училишта
Фото: Принтскрин

Демографската слика во Македонија продолжува да се влошува. Бројот на новородени деца постојано се намалува, а последиците од негативниот природен прираст сѐ поочигледно се гледаат и во образованието во празните училишни клупи, намалениот број паралелки и затворените училишта.

Во 2025 година во земјава биле родени 15.850 деца, што е за 1,3 отсто помалку во споредба со претходната година. Ако се направи споредба со 2020 година, кога се родени денешните првачиња, бројот на новородени е помал за 3.181 дете.

Трендот на намалување на бројот на ученици годинава доби конкретни димензии. Учебната година започнува со 433 паралелки помалку,  222 во основното и 211 во средното образование. Дополнително, 148 подрачни и регионални училишта се затворени, претежно во руралните средини.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, на првиот училиштен ден, од ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел, порача дека доколку трендот продолжи, државата ќе мора да продолжи со затворање на училиштата. Таа ги повика најмладите, покрај знаењето, да „побараат“ и братче или сестриче.

„Освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта, во иднина да ги отвораме“, рече Јаневска.

КАДЕ ИСЧЕЗНАА МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЦА 433 паралелки помалку, 148 училишта празни

CATEGORIES
Share This