СТАРТУВА ГРАДСКИОТ ВОЗ Зелениково – Скопје за само 24 минути, билетот 40 денари
Девет поаѓања дневно на првата линија, а во подготовка се уште две линии кои ќе ги поврзат северниот и источниот дел на Скопје.

Од денеска започна да сообраќа „Градскиот воз“ на првата од предвидените три линии, која ги поврзува Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево, Лисиче и Новата железничка станица во Скопје.
За реализација на проектот, ЈП „Железници Инфраструктура“ изврши целосна реконструкција на пругата на оваа релација, со што се создадени услови за зголемување на нивото на безбедност и капацитетот на брзината на железничкиот сообраќај.
Сообраќајот на линијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје ќе се одвива со три возови, според утврден ред на возење на МЖ Транспорт. Предвидени се девет поаѓања дневно, додека патувањето во еден правец ќе трае од 24 до 28 минути.
Цената на билетот во еден правец е 40 денари, додека повратниот билет чини 70 денари.
Од Министерството за транспорт велат дека целта на проектот е да се овозможи побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз за жителите на Скопје и приградските населени места.
Со „Градскиот воз“ периферните делови на градот треба да се поврзат со централното подрачје, што би значело пократко време на патување, помалку чекање и пониски трошоци за граѓаните.
Особено значајно е што железничкиот превоз ќе биде усогласен со возниот ред на ЈСП, со што се очекува да се создаде интегриран систем на јавен превоз кој ќе биде достапен за граѓаните, студентите и учениците.
Во меѓувреме, во тек е проектирањето и на втората и третата линија од „Градскиот воз“. Едната линија ќе се движи од Новата железничка станица преку Бутел и Скопје-Север до Ѓорче Петров, додека третата ќе ги поврзува Новата железничка станица, Автокоманда и Маџари со Илинден.
Официјалната промоција на проектот е најавена за утре. На настанот се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, заменик-премиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорите на ЈП „МЖ Инфраструктура“ и МЖ Транспорт, Синиша Ивановски и Дејан Кошутиќ, градоначалникот на Скопје Орце Ѓеоргиевски, како и градоначалниците на Зелениково, Кисела Вода и Аеродром.
Предвидено е проектот симболично да биде означен со заедничко патување со воз од железничката станица Зелениково до Новата железничка станица во Скопје.
ОД 1 СЕПТЕМВРИ ПОВТОРНО ВОЗ ОД ЗЕЛЕНИКОВО ДО СКОПЈЕ Осум линии дневно

