26 ПОЖАРИ ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ Два и натаму активни

ЦУК регистрира пожари на повеќе локации низ земјава, при што на терен интервенираат надлежните служби.

26 ПОЖАРИ ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ Два и натаму активни
Фото: Принтскрин

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 26 пожари на отворен простор, од кои два и натаму се активни, четири се ставени под контрола, а 20 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според последните информации, заклучно со 7:30 часот, активни се пожарите меѓу селата Копаница и Радуша во Општина Сарај, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и пожарот во штипскиот регион, на потегот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде е зафатена ниска вегетација.

Под контрола се ставени пожарите во реонот на селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, каде гореле нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Под контрола е и пожарот на Градската депонија „Острец“ во Делчево, како и пожарите кај Драгов Дол во Македонски Брод и над селото Палиград во Општина Зелениково.

Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати и 20 пожари на различни локации низ државата. Интервенции имало кај селата Градец во Врапчиште, Подмочани во Ресен, Нежилово во Чашка и Урвич во Боговиње, како и на повеќе локации во општините Гази Баба, Струга, Долнени, Кичево, Ново Село, Старо Нагоричане, Желино, Кавадарци и Свети Николе.

Од ЦУК посочуваат дека состојбата со пожарите се следи континуирано и дека надлежните служби интервенираат согласно потребите на терен.

CATEGORIES
Share This