РЕХАБИЛИТИРАЊЕТО НА ФАШИСТИТЕ МОРА ДА ПРЕСТАНЕ Борците жестоко реагираат за имињата на улиците во Тетово
Од Сојузот на борците тврдат дека дел од биографиите се неточни или непотполни и дека се премолчуваат податоци за фашистичкото и балистичкото минато на одредени личности.

Градската организација на Сојузот на борците остро реагира на работата на работната група за именување и преименување на улиците во Тетово, формирана од Советот на Општина Тетово. Според нив, работната група досега усвоила 219 предлог-имиња, меѓу кои, како што тврдат, има личности поврзани со фашистички и балистички организации, како и лица за кои сметаат дека не заслужуваат улица да го носи нивното име.
Од Сојузот на борците обвинуваат дека пред јавноста се пласираат неточни или непотполни биографии на дел од предложените личности, со цел нивното минато да остане незабележано.
Како пример го посочуваат Јусуф Реџепи. Според информациите наведени од Здружението на борци, во предлогот тој е претставен како еден од првите лекари од Тетово, професор на Универзитетот во Приштина и личност која во 1993 година застанала на чело на Народната демократска партија.
Од Здружението, сепак, тврдат дека биографијата на Реџепи содржи и значајни податоци од периодот на Втората светска војна кои, според нив, не се наведени во предлогот.
Тие посочуваат дека Реџепи во младоста бил вклучен во италијанската контраразузнавачка служба ОВРА, каде што, според нивните наводи, посетувал разузнавачки курсеви во Италија. По враќањето во Тетово во 1943 година, како што тврдат од Здружението, тој му се приклучил на албанскиот баталјон „Љуботен“, а подоцна бил ангажиран и во известувачката служба на Албанија.
„Токму неговото учество во фашистичките служби и јасната определба да им служи на фашизмот и балистичките формации, што работната група сака да го скрие, го прават неподобен да му биде укажана чест улица во Тетово да го носи неговото име“, наведуваат од Здружението на борци.
Од таму ја критикуваат и изјавата на членката на работната група Оливера Гиченко, која во јавноста посочила дека предлог-листата поминала низ фаза на „прочистување“ и дека биле прифатени само имиња кои не се спротивни на уставниот поредок.
Според Сојузот на борците, токму тоа отвора прашање за критериумите според кои биле избрани предложените личности.
„Вистинското прашање е како едногласно прифатија госпоѓа Гиченко и другите членови на работната група улица во Тетово да го носи името на Јусуф Реџепи кој бил фашистички разузнавач, Џафер Сулејмани кој бил окупаторски градоначалник, Фадил Сулејмани кој го негирал постоењето на македонскиот народ и држава и имиња на многу други припадници на фашистички организации и движења“, реагираат од Здружението.
Тие додаваат дека меѓу предложените имиња има и личности кои, според нив, биле милитанти, исламисти или општествено нерелевантни поединци.
Од Сојузот на борците бараат преиспитување на предлог-имињата и појаснување на критериумите според кои се избрани личностите што треба да добијат улици во Тетово, оценувајќи дека евентуалното именување на улици по личности со фашистичко или колаборационистичко минато би претставувало нивна историска рехабилитација.
ФАШИСТ ЗА УЛИЦА ВО ТЕТОВО Борците против името на Џафер Сулејмани

