ДКСК ВЛЕЗЕ ВО ПАРТИСКИТЕ ФИНАНСИИ Откриени законски дупки, се бараат итни промени
Под лупа се распределбата на државните пари, членарините, донациите и обврската за доставување на годишните финансиски сметки.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди низа коруптивни регулаторни ризици во Законот за финансирање на политичките партии и препорача измени на повеќе негови одредби.
Антикорупциската проверка е спроведена по сопствена иницијатива на Комисијата, во рамки на Антикорупцискиот план за проверка на легислативата за 2026 година.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, на денешната седница посочи дека се анализирани повеќе членови од законот, при што се утврдени слабости кои, според Комисијата, оставаат простор за различно толкување и можни злоупотреби.
Една од клучните забелешки се однесува на член 10, кој го регулира начинот на распределба на буџетските средства за финансирање на политичките партии.
Од ДКСК сметаат дека треба да се преиспита дали постојниот модел на распределба е пропорционален и дали обезбедува фер и еднакви можности за сите политички субјекти.
„Оправдано е прашањето дали ваквата распределба е пропорционална и дали на овој начин се овозможени фер и еднакви можности на сите учесници, со цел почитување на начелото на еднаквост“, посочи Чучуљ.
Комисијата укажува и дека станува збор за средства од јавни извори, кои континуирано се зголемуваат, поради што треба да се провери дали законската одредба е целисходна, соодветна и правична и дали ја постигнува целта за која е донесена.
ДКСК предлага измени и на член 14, кој ја регулира членарината што ја плаќаат членовите на политичките партии. Според Комисијата, во оваа одредба недостига превентивен механизам, а доколку се надмине дозволениот износ на членарината, во законот не се предвидени соодветни прекршочни санкции.
Посебни забелешки има и за член 16, кој се однесува на максималниот износ на поединечни донации од физички и правни лица. ДКСК препорачува да се уредат сите неопходни аспекти, да се отстрани постојната правна празнина и одредбата да се усогласи со Изборниот законик.
Комисијата бара појаснување и на член 17, со кој се регулира објавувањето на регистрите на донации. Според ДКСК, не е доволно јасно на кој начин, освен преку веб-страниците, политичките партии треба да ги направат регистрите достапни до јавноста.
Ова, како што посочува Комисијата, остава простор за субјективно толкување, што може да создаде проблеми во практичната примена на законот и да влијае врз одговорноста за евентуално непочитување на обврските. Проблемот е особено изразен кај политичките субјекти кои немаат сопствени веб-страници.
ДКСК предлага дополнување и на член 26, став 7, со што јасно би се утврдила обврската политичките партии да доставуваат годишна сметка за своето финансиско работење и до ДКСК. На тој начин, одредбата би се усогласила со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Извештајот со констатираните ризици и препораки ДКСК ќе го достави до надлежните институции, со цел да се иницираат соодветни законски измени.
На денешната седница членовите на ДКСК утврдија и нов Деловник за работа на Комисијата, како и нов Деловник за работа на Прекршочната комисија. Прекршочната комисија од денеска функционира во нов тричлен состав.

