ОКОЛУ НЕА ИМАЛО МРТВИ, А ТАА БИЛА ЖИВА Неверојатното спасување на 97-годишната Маја
Четири часа спасувачите и семејството се бореле да ја извлечат од калта по катастрофалните поплави – лекарите велат дека нејзиното преживување е вистинско чудо.

Катастрофалните поплави што го погодија северниот дел на земјата однесоа повеќе од 600 животи, а илјадници луѓе сè уште се водат како исчезнати. Меѓу преживеаните е и 97-годишната Гуна Маја Бохара, која со часови била заробена под кал и урнатини.
Нејзиниот правнук Дипак Бохара за Би-Би-Си раскажал за драматичното спасување на старицата, опишувајќи ја ситуацијата како „тотален хаос“.
„Имаше вода насекаде, сè беше закопано“, изјавил Дипак, кој раскажал дека неговото семејство со часови се обидувало да стигне до баба му.
Маја Бохара била извлечена од огромен куп кал во Тупче, во северниот дел на земјата, неколку часа откако ненадејните поплави го погодиле подрачјето во средата, 26 август. Според нејзиниот правнук, луѓето што се наоѓале околу неа главно биле мртви.
„Мојот брат и син користеа јаже врзано за дрво и рекоа дека баба ми сè уште е жива. Но, многу луѓе околу неа изгледаа мртви. По четири часа труд, успеавме да ја извлечеме“, раскажал Дипак.
Сликите од спасувањето на 97-годишната жена брзо се проширија на социјалните мрежи и беа објавени од повеќе меѓународни медиуми. На фотографиите Маја лежи во рацете на спасувач, покриена со кал и видно исцрпена. И покрај тешката состојба, таа успеала да преживее и во моментов се наоѓа во болница.
„Ова е чудо“
Лекарот Имран за „Тајмс“ изјавил дека никој не може со сигурност да објасни како старицата успеала да ги преживее часовите под урнатините.
„Пациентката не може да објасни како преживеала. Веројатно никогаш нема да знаеме што се случило. Ова е чудо“, рекол докторот.
Дипак, пак, ја опишал својата баба како „воин“ кој се вратил победнички од битка. Спасувачките операции продолжија и во саботата, додека спасувачките екипи се обидуваат да пронајдат преживеани и исчезнати лица.
Ситуацијата дополнително ја отежнува опасноста од нови поплави. Поројните дождови предизвикале огромни насобирања на вода, кал и мраз, а на повеќе места се формирале езера што се закануваат да се прелеат или да се пробијат.
Едно од нив претставува директна опасност и за спасувачите. Во четвртокот, операциите биле отежнати и поради предупредувањата за можни нови ненадејни поплави на непалската и кинеската страна, кои подоцна биле повлечени.
И додека спасувачите продолжуваат со потрагата по исчезнатите, приказната за 97-годишната Маја Бохара останува еден од најневеројатните примери на преживување по разорните поплави.

