ИМАТЕ ВИСОКИ ТРИГЛИЦЕРИДИ Еве што треба да јадете за појадок
Житарките од трици со малку шеќер се богати со растителни влакна и природно содржат малку масти – експертите објаснуваат зошто може да бидат добар избор.

Доколку сакате да го подобрите нивото на триглицериди во крвта, промената можете да ја започнете уште со првиот оброк во денот. Експертите препорачуваат појадок богат со растителни влакна, а меѓу добрите избори се издвојуваат житарките од трици со ниска содржина на шеќер.
Овој тип житарки содржи многу растителни влакна, има малку додаден шеќер и природно е сиромашен со масти. Во комбинација со овошје, зеленчук и други намирници богати со влакна, може да биде дел од исхрана насочена кон подобрување на нивото на триглицериди.
Високите триглицериди се поврзуваат со зголемен ризик од кардиоваскуларни проблеми. Нивното ниво, сепак, кај многу луѓе може значително да се подобри со промени во исхраната и животните навики.
Меѓу препорачаните промени се избегнување или ограничување на алкохолот, намалување на засладените пијалаци и слатките, како и почесто консумирање зеленчук без скроб, интегрални житарки, грав, јаткасти плодови, семки и посни извори на протеини.
Според податоците наведени од „EatingWell“, зависно од почетното ниво на триглицериди и направените промени, нивото може значително да се намали, а подобрување може да се забележи и во период од шест недели или пократко.
Зошто се важни растителните влакна?
Јаглехидратите имаат важна улога во контролата на триглицеридите, но не сите јаглехидрати имаат ист ефект. Храната богата со растителни влакна и со низок гликемиски индекс се смета за подобар избор.
„Видот и квалитетот на јаглехидратите се важни, при што храната богата со растителни влакна и со низок гликемиски индекс има поголем ефект врз намалувањето на нивоата на триглицериди“, објаснува нутриционистката Ејми Браунштајн.
Триците претставуваат надворешен слој на житото и се особено богати со влакна. Иако организмот не ги вари целосно, тие имаат важна улога во функционирањето на дигестивниот систем.
Според Браунштајн, цревните бактерии ги ферментираат влакната и создаваат масни киселини со краток синџир, кои можат да влијаат врз метаболизмот на мастите и потенцијално да придонесат за подобрување на нивото на триглицериди.
Некои житарици од трици содржат пет, десет или повеќе грама растителни влакна во една порција.
Внимавајте на количината на шеќер
При изборот на житарки важно е да се провери декларацијата и да се избегнуваат производи со големи количества додаден шеќер. Прекумерниот внес на додадени шеќери може негативно да влијае врз чувствителноста на инсулин и да придонесе за зголемување на триглицеридите.
Диететичарката Каролин Томасон Бан советува засладените житарки и појадоците богати со рафинирани јаглехидрати да се заменат со житарки од трици со мала количина шеќер. Како практична насока, се препорачува да се избираат производи со до пет грама додаден шеќер по порција.
Малку масти, уште една предност
Покрај шеќерот и јаглехидратите, внимание треба да се посвети и на мастите во појадокот. По консумирање оброк богат со масти, во крвотокот се појавуваат честички богати со триглицериди. Кај здрави луѓе организмот вообичаено ги отстранува во текот на неколку часа, но кај лицата со веќе покачени триглицериди метаболизмот може да биде отежнат.
Повеќето житарки од трици имаат помалку од два грама вкупни масти по порција, а содржат многу малку или воопшто немаат заситени масти. Доколку ги комбинирате со млеко или јогурт, нутриционистите препорачуваат да се изберат варијанти со намалена масленост или без маснотии.
Едноставен појадок со житарки од трици, ниска содржина на додаден шеќер и свежо овошје може да биде добар чекор кон поздрава исхрана и подобра контрола на триглицеридите.

