ДВОЈНИ АРШИНИ ВО АЛБАНИЈА За химната веднаш реакција, за навредите кон Македонците – молк
Случајот во Пустец отвора сериозно прашање: дали истите стандарди важат за националните симболи и за правата на малцинствата.

До редакцијата на Национал пристигна реакција од Македонците во Пустец во однос на навредливи написи во албански медиуми.
-„Последниот инцидент во Пустец, за време на настан на кој присуствуваше премиерот на Република Северна Македонија, при што не беше интонирана химната на Република Албанија, оправдано беше предмет на критики од албанските институции. Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија оцени дека станувало збор за протоколарна грешка и ја нагласи потребата од почитување на националните симболи и соживотот меѓу заедниците.
Но, ако се бара почитување на албанските национални симболи, тогаш мора да се постави и прашањето: кој ја штити македонската заедница во Албанија од навреди, стигматизација и дискриминација?
На 20 август 2026 година локалниот медиум „Korça Report“ објави текст со наслов „Na e dhj… edhe shulet!“, во кој, покрај критиката за случувањата во Пустец, се користи навредлив јазик кон луѓето од оваа област.
Особено загрижувачка е употребата на зборот „shule“, кој во локалниот контекст се користи како погрден назив за Македонците од Пустец. Во истиот напис се наведува и „Dhe këta tanët të Pustecit…“, а се упатува и повик:
„Të bojktohen deri për në fund të vitit … që vijnë nga zona e Pustecit.“ Односно, се повикува на бојкот на лицата и производите кои доаѓаат од областа Пустец.
Ова веќе не може да се третира само како критика кон организаторите на еден настан или кон пропустот со интонирањето на химната. Кога поради постапка на одредени организатори се таргетираат луѓето од цела една област, се користат погрдни називи и се повикува на нивен бојкот, се отвора сериозно прашање за колективна стигматизација на една национална заедница.
Дополнително загрижува и формулацијата:
„Mos na detyroni më vonë t’ja u ujdisim ‘glavën’ mirë!“
Во контекст на целиот напис, ваквата порака може да се доживее како заплашувачка и заканувачка, особено кога е проследена со навредливи квалификации и повик за бојкот.
Медиумите имаат целосно право да критикуваат политичари, институции, организатори и протоколарни пропусти. Имаат право да бараат почитување на националните симболи на Република Албанија.
Но, ниту едно македонско семејство од Пустец не може да биде прогласено за колективно виновно за постапките на одредени организатори.
Еден протоколарен пропуст не смее да биде причина цела заедница да биде навредувана, етикетирана или повикувана на бојкот.
Пустец не е само географски поим. Тој е дом на македонска заедница која со децении живее во Албанија и претставува составен дел од општеството на оваа држава.
Токму затоа, албанските институции и јавноста треба да дадат одговор:
„Ако правата на македонското национално малцинство во Албанија се целосно гарантирани, кој реагира кога преку јавен медиум Македонците од Пустец се навредуваат и се повикува на нивен бојкот?“- се вели во реакцијата.
Заштитата на националните симболи е легитимна. Но, заштитата на националните симболи не смее да стане оправдување за навредување и колективно казнување на припадници на едно национално малцинство. Ако бараме почитување на Албанците и нивните права надвор од Албанија, тогаш истиот принцип мора да важи и за Македонците кои живеат во Албанија.
Почитувањето на малцинствата не може да биде принцип само кога политички ни одговара.
Затоа, случајот со „Korça Report“ заслужува сериозно внимание од албанските институции, медиумските регулаторни и саморегулаторни тела, но и од македонските институции.
Прашањето е едноставно:
„Кој ги штити Македонците од Пустец кога јавно се навредуваат, стигматизираат и се повикува на нивен бојкот?- прашуваат тие.
Ова не е само прашање за Пустец и не е само прашање за една химна.
„Ова е прашање за еднаквоста, достоинството и почитувањето на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија“ се потенцира во реакцијата.
![]()
СКАНДАЛ ИЛИ ЛАЖНА ВЕСТ Рама реагираше за химната, Темелко со видео го тврди спротивното


