СЛУЧАЈОТ ЗА ДРОГА ПРОТИВ ЈОВАНОВ СЕ ВРАЌА НА АПЕЛАЦИЈА Врховен суд ја укина пресудата
Одлуката е донесена по барање за вонредно преиспитување поднесено од адвокатот Панче Нефтенов, застапник на осудениот Јованов.

Врховниот суд на Република Македонија на 7 мај 2025 година ја укинал правосилната пресуда со која Васил Јованов беше осуден на три години и десет месеци затвор за трговија со дрога. Одлуката е донесена по барање за вонредно преиспитување поднесено од адвокатот Панче Нефтенов, застапник на осудениот Јованов.
„Советот за казнени дела при Врховниот суд на Република Македонија, на седница одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување“, се наведува во соопштението од Врховниот суд.
Одлуката на Врховниот суд е донесена пред Јованов да признае вина за сообраќајната несреќа во која животот го загуби 25-годишната Фросина Кулакова. Денеска, на 13 мај, Основниот кривичен суд му изрече затворска казна од 12 години за тоа дело.
Со тоа, Јованов, кој претходно се соочуваше со казна за трговија со дрога, сега е правосилно осуден за сообраќајната несреќа, додека постапката за претходната пресуда е вратена на повторно одлучување.


