КАНДИДАТОТ ВРАТЕН ОД СТРАЗБУР Единствена Македонија: Комисијата за избор ја бламира државата
Партијата бара поништување на огласот и оставка од Комисијата, оценувајќи дека целиот процес за избор на судија во Европскиот суд за човекови права станува сериозно проблематичен.

Процесот за избор на судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур продолжува да предизвикува сериозни реакции и, според „Единствена Македонија“, дополнително го нарушува угледот на државата на меѓународната сцена.
Од партијата прашуваат како е можно Комисијата за избор на кандидати во една нормална и кредибилна постапка да не може навреме и јасно да утврди дали кандидатите ги исполнуваат условите за судија во Европскиот суд за човекови права.
„За секој здраворазумски човек е чудно како Комисијата не може да утврди дали еден кандидат ги исполнува условите за судија во Стразбур. Комисијата на отворена сцена ја бламира државата, бидејќи предлага кандидат, а потоа од Стразбур кандидатот е вратен со образложение дека не ги исполнувал условите“, велат од „Единствена Македонија“.
Според партијата, ваквиот начин на спроведување на постапката отвора сериозни сомнежи за кредибилноста на целиот процес.
„Комисијата нема капацитет да предложи кандидати – еве, повторно еден кандидат е вратен од Стразбур. Кога една комисија не може да утврди дали еден кандидат ги исполнува условите за судија во Стразбур, што да очекуваме од таква комисија?“, прашуваат од „Единствена Македонија“.
Од партијата оценуваат дека целиот процес станува сериозно проблематичен и сметаат дека најразумно решение би било членовите на Комисијата да поднесат оставки.
Воедно, од „Единствена Македонија“ потсетуваат дека првиот оглас за избор на кандидат беше поништен, при што, како што тврдат, кандидатите не добиле јасно образложение зошто не ги исполнувале условите.
„Сепак, се бира судија во Стразбур. Комисијата да размисли да го поништи огласот и да поднесе оставка за да се заштитат угледот и дигнитетот на изборниот процес“, порачаа од „Единствена Македонија“.

