17 СО НОВА НАГРАДА Косара Митиќ ја освои „Златната мимоза“ за најдобра режија
Косара Митиќ ја подели наградата за најдобра режија со Горан Станковиќ, а признанија добија и Теона Стругар Митевска и Дина Дума.

Македонскиот филм „17“ продолжува со успесите на меѓународната филмска сцена. Само неколку дена по освоените награди во Сараево, режисерката Косара Митиќ доби ново значајно признание „Златната мимоза“ за најдобра режија на 39. Филмски фестивал во Херцег Нови, Црна Гора.
Митиќ наградата ја дели рамноправно со режисерот Горан Станковиќ, кој е награден за филмот „Оче наш“.
Во образложението на жирито се наведува дека наградата им припаднала на два дебитантски филма, чии режисери покажуваат „сета вештина“, градејќи различни и препознатливи режисерски стилови и преку филмската нарација успеваат да пренесат силна емоционална порака.
Жирито на фестивалот го сочинуваа Алиса Сајмон, главна селекторка на Филмскиот фестивал во Палм Спрингс, Елена Кристодолиду, претседателка на Извршниот одбор на Мрежата на кинематографии на Југоисточна Европа, актерите Себастијан Каваца и Лилјана Благојевиќ, како и режисерот Драшко Ѓуровиќ.
Успехот на македонските филмаџии во Херцег Нови го надополнија и други признанија. Теона Стругар Митевска доби специјално признание за продукцијата на филмот „Мајка“, додека „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума беше награден за пораката за родова еднаквост и инклузивност.
Со новите признанија, македонските филмови повторно се најдоа во центарот на вниманието на регионалната филмска сцена.

