НОВИ ПОЖАРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА Пет огнени жаришта сè уште се активни
Пожари се активни во Студеничани, Зелениково, Сарај, Чашка, Јегуновце и Прилеп, додека пожарот меѓу Гостивар и Македонски Брод е ставен под контрола.

Во периодот од 28 до 29 август, до 07:30 часот, во Македонија се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од вкупниот број, пет пожари и натаму се активни, еден е ставен под контрола, а 25 се целосно изгаснати.
Најголем број активни пожари има во скопскиот регион. На територијата на општините Студеничани и Зелениково гори мешана шума на потегот од селото Моране, преку Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и во правец на Преслап.
Активен е и пожарот кај село Копаница во Општина Сарај, кој се шири кон Радуша и зафаќа ниска вегетација и шума.
Во Општина Чашка, пожарот над селото Нежилово, на месноста Сватови, зафаќа ниска вегетација и поединечни дрвја.
Пожар е активен и во село Копанце, Општина Јегуновце, каде гори мешана шума, како и во Општина Прилеп, во атарот на селото Црнилиште, каде огнот зафаќа ниска вегетација и шума.
Пожарот на територијата на Гостивар и Македонски Брод е ставен под контрола. Огнот започнал кај селото Трново во Општина Гостивар, а потоа се проширил кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Во изминатото деноноќие се изгаснати уште 25 пожари во повеќе општини, меѓу кои Струмица и околните села, Охрид, Прилеп, Штип, Тетово, Гостивар, Делчево и Берово.
Според ЦУК, меѓу изгаснатите пожари имало случаи на горење ниска вегетација, шума, стрништа, отпад и диви депонии, како и пожар во дворно место.
Центарот за управување со кризи продолжува да ја следи состојбата на терен и апелира до граѓаните да бидат особено внимателни поради опасноста од брзо ширење на пожарите на отворен простор.

