БАЧЕВ ЗА УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА Домот, семејството и Македонија се светост, борбата за нив е света должност (фото)

Лидерот на Единствена Македонија со празнична порака повика на сплотеност и одбрана на националните интереси.

БАЧЕВ ЗА УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА Домот, семејството и Македонија се светост, борбата за нив е света должност (фото)
Фото: Национал

-„Во мое лично име и во име на Единствена Македонија, на сите православни христијани им го честитам големиот празник Успение на Пресвета Богородица, со искрени желби за добро здравје, мир, радост, љубов и семејна хармонија.

Нека овој голем празник ни биде потсетник дека љубовта кон семејството, блиските и кон татковината треба да биде наша водилка низ животот.

Македонија веќе три децении минува низ тешки и неизвесни периоди. Затоа, денес повеќе од кога било, имаме света должност да се бориме за својата држава, за својата татковина и за иднината на македонскиот народ.

Да останеме сплотени и единствени во одбраната на националните интереси и на вредностите што се темел на нашето постоење. Во Македонија, наша единствена татковина, Македонците мора да бидат свои на своето, со достоинство, слобода и сигурна иднина. Потребна е сила да се спротивставиме на сите политики што ги загрозуваат националните интереси и иднината на државата.

Нашата визија е Република Македонија – национална држава на македонскиот народ, со гарантирани права на малцинствата согласно меѓународното право, со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службени, со грижа за македонските иселеници и за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји.

Се бориме за унитарна Македонија, за една државна власт на целата нејзина територија и за држава во која законите ќе важат еднакво за сите.

Македонија е нашиот дом. Како што се грижиме и се бориме за своите домови, семејства и најблиски, така треба да се бориме и за нашата татковина.

Домот, семејството и Македонија се светост. А борбата за она што ни е свето е наша света должност.

Нека е честит и за многу години големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица!

На сите граѓани им посакувам здравје, мир, благосостојба и сила за подобри денови.

Да ни е вечна Македонија! – се вели во честитката на професорот и претседател на Единствена Македонија Јанко Бачев.

CATEGORIES
Share This