САСА ГИ НАГРАДИ РУДАРИТЕ 121 вработен доби дополнително признание, прогласен и „Најдобриот рудар“
По повод Денот на рударите, сите вработени добија парична награда, а Драганчо Јованчов е прогласен за најдобар рудар за 2025/2026 година.

По повод 28 Август – Денот на македонските рудари и двојниот празник на Македонска Каменица, Рудник САСА и годинава им оддаде признание на своите вработени за нивниот труд, професионалност и посветеност кон безбедното и стабилно работење. Сите вработени во рудникот добија парична награда, а дополнителни награди и признанија им беа доделени на 121 вработен за особен придонес во безбедното и стабилно производство, како и во други активности поврзани со работењето на САСА.
Признанието „Најдобар рудар“ за 2025/2026 година му припадна на Драганчо Јованчов, ракувач со електрохидраулична дупчалка во јама. За признанието тој доби пригодна парична награда и подароци. Во рамки на празничното одбележување, за сите вработени беше организиран и традиционален свечен ручек.
„Денот на рударите е можност да им оддадеме признание на нашите вработени, чиј труд, знаење и посветеност се важни за успешното работење на Рудник САСА. Истовремено, овој празник нè потсетува на силната поврзаност меѓу рудникот и Општина Македонска Каменица“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Џејмс Караматич.
Тој посочи дека САСА не е само компанија, туку и дел од локалната заедница со која со децении ги споделува успесите и предизвиците, најавувајќи продолжување на инвестициите во безбедни и современи услови за работа.
Празникот годинава се одбележува во период на интензивна модернизација на рудникот. Во пресрет на 28 Август, во функција беа ставени три нови подземни камиони, со што се очекува поголема оперативна сигурност и поефикасен транспорт на рудата.
Истовремено, завршена е првата фаза од проектот за унапредување на подземната вентилација, со што дополнително се подобруваат условите за работа и безбедноста при извршување на подземните рударски операции.
САСА вложува и во дигитализација. Воведен е централизираниот систем за следење и управување со рударските процеси, кој овозможува мониторинг на производството во реално време, подобра контрола на опремата и поефикасно управување со потрошувачката на енергија.
Од влегувањето на Central Asia Metals (CAML) во Рудник САСА во ноември 2017 година до денес, вкупните инвестиции во рудникот надминаа 120 милиони долари. Средствата се вложени во современа рударска опрема, дигитализација, модернизација на рударските методи, зголемување на ефикасноста, намалување на влијанието врз животната средина, подобрување на безбедноста и условите за работа, како и во професионалниот развој на вработените.
Како дел од својата поддршка за локалната заедница, Рудник САСА и годинава е главен покровител и партнер на дел од празничната програма по повод Денот на рударите и двојниот празник на Македонска Каменица, вклучително и централната тридневна културно-музичка програма на градскиот плоштад.

