ШТО СЕ СЛУЧУВА ЗАД СЦЕНАТА – СДСМ тврди дека се гради српска медиумска и финансиска мрежа во Македонија

Богданка Кузеска обвини за копирање на моделот на Вучиќ и предупреди дека земјата може да стане медиумска, политичка и економска колонија.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ЗАД СЦЕНАТА – СДСМ тврди дека се гради српска медиумска и финансиска мрежа во Македонија
Фото: Принтскрин

СДСМ ги поддржува барањата на националните телевизии и јавниот сервис, кои алармираа за, како што велат, можни законски сомнежи поврзани со влезот на српски медиумски компании во македонскиот медиумски простор и побараа надлежните институции да постапат.

На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, порача дека случајот мора целосно да се истражи и да се утврди евентуалната одговорност.

Според Кузеска, случувањата се потврда на предупредувањата што СДСМ, како што наведе, со месеци ги упатува до јавноста.

„Мицкоски, по рецептот на Вучиќ, спроведува операција за медиумски мрак и во Македонија“, обвини Кузеска.

Таа посочи дека преку „Еуроњуз“ и „Ало“ српски медиумски компании влегуваат на македонскиот пазар, при што изрази сомнеж дека тоа се прави на начин што ги заобиколува законските процедури. Од СДСМ се повикуваат и на предупредувањата од националните телевизии и Македонската медиумска асоцијација, кои, според Кузеска, тврдат дека располагаат со материјални докази за канали кои подолг период работат без домашна дозвола.

Кузеска оцени дека сличен модел, според неа, се подготвува и со „Euronews Македонија“ и со влезот на „Ало“ групацијата. Во своето обраќање, таа направи и поширока политичка споредба, тврдејќи дека постепено се гради инфраструктура за политичко, економско и медиумско влијание во Македонија.

„Чекор по чекор се гради инфраструктура за политичко, економско и медиумско влијание на концептот на ‘српски свет’ на Вучиќ, за кој предупреди и Европскиот парламент“, рече Кузеска.

Од СДСМ истовремено обвинија дека Владата на Христијан Мицкоски, според нив, следи политики слични на оние на српскиот претседател Александар Вучиќ. Партијата тврди дека станува збор за поширока српско-руска агенда со цел Македонија да остане надвор од Европската Унија и да биде тампон-зона за туѓи интереси.

Како дел од своите обвинувања, Кузеска ја спомена и АЛТА банка, која веќе е присутна на македонскиот банкарски пазар. Таа тврди дека средства од сметки на јавни претпријатија и државни институции се префрлаат во банката, оценувајќи дека на тој начин се создава финансиска основа за поддршка на медиумски активности. СДСМ предупредува и на можност за влез на АЛТА осигурување на македонскиот пазар.

„Медиуми. Банки. Осигурување. Капитал. Влијание. Сè она што СДСМ предупредува се случува пред очите на јавноста“, порача Кузеска.

Според неа, крајната последица би можела да биде поголема контрола врз информациите што стигнуваат до граѓаните и создавање услови за медиумски мрак. Кузеска директно ги спомена и новинарите Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска, наведувајќи дека тие би биле дел од таквата медиумска структура. Од СДСМ оценија дека во услови на недостиг на резултати, економски проблеми и блокирана европска перспектива, власта, според нив, има интерес од поголема пропаганда и медиумска контрола.

„Да нема критика. Да нема прашања. Да нема одговорност. Да има само пропаганда“, порача Кузеска.

СДСМ ги повика слободните медиуми, невладините организации и интелектуалците заеднички да се спротивстават на, како што ја оцени партијата, опасноста од нарушување на медиумскиот плурализам.

„Ова е прашање што ги надминува партиските поделби. Ова е прашање за слободата на медиумите и за демократска Македонија. Македонија не смее да стане медиумска, политичка и економска колонија на туѓи центри на моќ“, порача Кузеска.

CATEGORIES
Share This