ШЕНГЕН ГИ ВРАТИ ВОЗАЧИТЕ, БАЛКАНОТ ВОЗВРАТИ Се подготвуваат протести на границите

Транспортните здруженија предупредуваат дека проблемот повеќе не може да се решава со празни ветувања.

ШЕНГЕН ГИ ВРАТИ ВОЗАЧИТЕ, БАЛКАНОТ ВОЗВРАТИ Се подготвуваат протести на границите
Фото: Принтскрин

Проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи од земјите на Западен Балкан во Шенген-зоната повторно се заострува. Транспортните здруженија предупредуваат дека, доколку Европската унија не понуди конкретно решение, следуваат нови протести на границите.

Според Асоцијацијата за меѓународен транспорт, само во последната недела повеќе од 50 српски професионални возачи биле вратени од шенгенските граници. Од асоцијацијата посочуваат дека возачите и натаму се соочуваат со сериозни проблеми, меѓу кои апсења, депортации и изрекување забрани за влез, поради ограничувањата за престој.

Транспортерите реагираат дека и покрај повеќемесечните разговори со европските институции и упатените апели, сè уште нема практично решение за професионалните возачи. Тие нагласуваат дека природата на нивната работа подразбира често преминување на границите и подолг престој во земјите од Европската унија, што тешко се вклопува во постојните ограничувања.

Поради тоа, транспортните компании и возачите најавуваат нова протестна акција. Од 14 септември 2026 година се планирани протести на граничните премини кон Европската унија, во координација со превозници и професионални возачи од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Пред протестите на границите, транспортните организации најавуваат и мирни собири пред делегациите на Европската унија во четирите земји. Целта е, како што велат, уште еднаш директно да се апелира до Европската комисија и земјите членки да преземат конкретни чекори и да изнајдат решение за проблемот.

Транспортерите предупредуваат дека доколку не добијат конкретен одговор, протестите на граничните премини ќе бидат следниот чекор. Според нив, станува збор за проблем кој не ги засега само возачите, туку има директно влијание врз целокупниот транспортен сектор и непреченото одвивање на стоковниот сообраќај меѓу Западен Балкан и Европската унија.

CATEGORIES
Share This