ПАТУВАТЕ ДЕНЕС? ОВА МОЖЕ ДА ВИ ГО ПРОМЕНИ ПЛАНОТ Гужви на границите и изменет режим на патот

Поднаслов: На Богородица и Табановце се чека околу 45 минути, а возачите се предупредуваат на внимателно возење поради можни одрони.

ПАТУВАТЕ ДЕНЕС? ОВА МОЖЕ ДА ВИ ГО ПРОМЕНИ ПЛАНОТ Гужви на границите и изменет режим на патот
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, а коловозите се суви. Сепак, интензитетот на сообраќајот надвор од населените места е зголемен.

На граничните премини Богородица и Табановце, за излез од државата, се чека околу 45 минути. На останатите гранични премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез ниту за излез од земјава.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни при управувањето со возилата.

Зголемено внимание се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони. Особено внимателно треба да се вози на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

Изменет режим на сообраќај кај наплатната станица Преод

АМСМ информира дека од 17 август до 1 октомври 2026 година ќе биде изменет режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод.

Измената е поради изведување градежни работи на проектот „Санација на косина на автопат А4“, на делницата Миладиновци–Свети Николе–Штип.

Во сила е и сезонскиот режим на сообраќај. Патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила со тежина до 3,5 тони.

CATEGORIES
Share This