20.000 ЕВРА МЕСЕЧНА ПЛАТА, А ГО НЕМА НА РАБОТА Расте незадоволството во Македонски Телеком

Според извори од компанијата, Горан Марковиќ околу еден месец не се појавил во седиштето на Македонски Телеком во Скопје.

20.000 ЕВРА МЕСЕЧНА ПЛАТА, А ГО НЕМА НА РАБОТА Расте незадоволството во Македонски Телеком
Фото: Принтскрин

Незадоволство во дел од раководните структури на Македонски Телеком предизвикува наводното подолготрајно отсуство на генералниот директор Горан Марковиќ од седиштето на компанијата во Скопје.

Според информации до кои дојде Национал од вработени во компанијата, Марковиќ во изминатиот месец не се појавил во седиштето на Македонски Телеком. Како што тврдат истите извори, тој периодов престојува во Црна Гора, од каде што потекнува.

Неговото отсуство, според соговорниците, предизвикува незадоволство кај дел од раководството, особено поради тоа што значителен дел од тековните обврски и одговорности во овој период ги преземаат други директори и раководни лица.

Дополнителна причина за незадоволство, според информациите од компанијата, е висината на надоместот што го прима генералниот директор. Наводно, Марковиќ месечно заработува најмалку 20.000 евра, што е значително повеќе од примањата на останатите раководни лица во компанијата.

Иако неговото отсуство од седиштето не значи автоматски дека не ги извршува своите работни обврски, начинот на кој е организирано функционирањето на компанијата во овој период предизвикува реакции кај дел од раководните структури.

Во Македонски Телеком, според изворите, особено се коментира разликата меѓу надоместот на генералниот директор и примањата на останатите директори и вработени, во услови кога дел од секојдневните обврски во негово отсуство ги преземаат други членови на раководството.

CATEGORIES
TAGS
Share This