СЕ ОТВОРА НОВ ЕНЕРГЕТСКИ КОРИДОР Македонија добива директна гасна врска со Србија
Македонската делница ќе биде долга 22,4 километри, со капацитет до 160.000 кубни метри гас на час, а целосната реализација е планирана до крајот на 2028 година.

Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија-Србија денеска го потпишаа директорот на АД „Номагас“, Недим Рама, и директорот на „Рапид Билд“, Тони Каранфиловски. На потпишувањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Како што информираше Рама, по спроведената постапка за избор на изведувач, за најповолна е избрана понудата на „Рапид Билд“ во вредност од 29,4 милиони евра.
Договорот е склучен по принципот „клуч на рака“, според моделот FIDIC, и ги опфаќа сите фази од реализацијата и од урбанистичкото планирање и проектирањето, до изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба.
Македонската делница од интерконекторот ќе биде долга 22,4 километри, со дијаметар на цевководот од 500 милиметри. Гасоводот ќе започнува кај блок-станицата „Клечовце“, а ќе завршува на македонско-српската граница, во близина на селото Сопот.
Проектот предвидува изградба и на пет придружни објекти и главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.
Предвидениот технички капацитет е до 160.000 кубни метри гас на час, со можност за двонасочен проток. Целосната реализација на проектот е планирана до четвртиот квартал од 2028 година.
НОВ ПРОЕКТ Почнува реализацијата на гасоводот Македонија – Србија

