ПОЧИНА РАТКО МЛАДИЌ Поранешниот командант на Војската на Република Српска имаше 83 години

Младиќ почина во притворската болница во Хаг, каде што издржуваше доживотна казна затвор.

ПОЧИНА РАТКО МЛАДИЌ Поранешниот командант на Војската на Република Српска имаше 83 години
Фото: Принтскрин

Поранешниот командант на Главниот штаб на Армијата на Република Српска, генерал Ратко Младиќ, почина во притворската болница во Хаг, на 83-годишна возраст.

Информацијата ја соопшти српската државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права, Лидија Павиќевиќ, која наведе дека за смртта на генералот била информирана од неговиот син Дарко Младиќ.

Младиќ од 2024 година се наоѓаше во притворската болница во Хаг поради сериозно нарушената здравствена состојба. Според неговото семејство, во последната година и половина бил врзан за кревет.

Неговите адвокати и семејството повеќепати бараа тој, од хуманитарни причини, да биде префрлен во Србија на лекување. Сепак, барањата не беа прифатени од Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг.

Младиќ беше осуден на доживотен затвор од Хашкиот трибунал за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина. Неговото судење започна во мај 2012 година, откако беше уапсен по 14 години во бегство и криење под лажно име. Првостепената пресуда беше изречена на 22 ноември 2017 година, по обемно судење во кое пресудата имаше 2.527 страници. Младиќ беше прогласен за виновен по 10 од 11 точки од обвинението.

Конечната и правно обврзувачка пресуда беше донесена во јуни 2021 година од Жалбениот совет на Механизмот за меѓународни кривични судови во Хаг. Советот ги одби жалбите и на одбраната на Младиќ и на обвинителството, со што беа потврдени и пресудата и казната доживотен затвор. Одлуката, сепак, не беше едногласна, бидејќи претседателката на советот, судијката Приска Матимба Њамба од Замбија, издвои несогласно мислење.

Во конечната пресуда беше утврдено дека Младиќ бил еден од клучните учесници во повеќе заеднички злосторнички потфати насочени кон трајно отстранување на Бошњаците и Хрватите од териториите што ги сметале за свои босанските Срби.

Една од најтешките точки беше геноцидот во Сребреница. Судот утврди дека Младиќ учествувал во планот за уништување на босанските муслимани во Сребреница, преку убивање на мажите и момчињата и присилно протерување на жените, децата и дел од постарите мажи. Според пресудата, повеќе од 8.000 мажи и момчиња биле убиени во масовните егзекуции во јули 1995 година.

Младиќ беше прогласен за виновен и за прогон, истребување, убиства, присилно преместување и депортација, како и други злосторства против човештвото и воени злосторства. Тие биле извршувани на повеќе локации низ Босна и Херцеговина, вклучително и Бања Лука, Бијељина, Фоча, Приједор, Сански Мост, Власеница и други општини. Пресудата опфаќа и сведоштва за нехуманите услови во логорите, каде затворениците биле тепани, мачени, силувани и убивани, како и за масовното протерување на цивилното население.

Младиќ беше осуден и за тероризирање на цивилното население во Сараево и незаконски напади врз цивили. Од мај 1992 до ноември 1995 година, градот бил изложен на систематско гранатирање и снајперски напади. Судот утврди дека цивилите биле намерно изложувани на опасност, а прекините на снабдувањето со вода и електрична енергија дополнително ги влошувале условите за живот. Целта, според пресудата, била ширење страв и терор меѓу населението.

Последната точка по која беше прогласен за виновен се однесуваше на земањето припадници на мировните сили на УНПРОФОР како заложници. Тие биле користени како жив штит со цел да се спречат воздушните напади на меѓународните сили врз позициите на босанските Срби.

Со конечната пресуда од 2021 година, доживотната казна за Ратко Младиќ стана правосилна.

CATEGORIES
Share This