МИЦКОСКИ ОТКРИ Преговараме со 5-6 инвеститори за дата-центри, меѓу нив и голема мултинационална компанија

Според Мицкоски, развојот на дата-центрите и вештачката интелигенција е глобален процес во кој Македонија мора да се вклучи.

МИЦКОСКИ ОТКРИ Преговараме со 5-6 инвеститори за дата-центри, меѓу нив и голема мултинационална компанија
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува посветена на стратегијата за развој на дата-центри во земјава, оценувајќи дека станува збор за глобален тренд кој Македонија треба да го препознае како можност за економски развој. Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека во моментов се водат преговори со пет до шест потенцијални инвеститори, меѓу кои, како што посочи, има и голема мултинационална компанија.

„Светот ова ќе го развива и прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот ако сакаме да се развива државата. Владата останува на таа стратегија, но сè што се прави ќе биде јавно и транспарентно“, рече Мицкоски.

Тој ги отфрли критиките од опозицијата, обвинувајќи ги политичките противници за, како што кажа, ширење невистини и непознавање на техничката и економската суштина на проектите.

„Ние немаме намера како влада ништо да правиме под маса. Секоја странска инвестиција или инвестиција која е стратешка ја објавуваме јавно и транспарентно“, нагласи премиерот.

Мицкоски посочи дека вештачката интелигенција и дата-центрите се дел од економскиот развој на најголемите светски компании, нагласувајќи дека токму ваквите технологии денес имаат огромно влијание врз глобалната економија. Според него, планот е потребната електрична енергија за дата-центрите да се обезбедува преку изградба на гасни централи, кои би произведувале електрична енергија за потребите на овие капацитети.

Во однос на проектот во Пехчево, премиерот појасни дека станува збор за приватна иницијатива и предлог за нацрт-урбанистички план, без директно учество на државата.

„Кога државата ќе прави или ќе учествува во изградба на таков објект, јавно и транспарентно ќе им каже на граѓаните“, рече тој.

Мицкоски повторно нагласи дека Владата веќе разговара со повеќе потенцијални инвеститори и дека нема да отстапи од планот за привлекување вакви инвестиции. Премиерот ги поврза дата-центрите и со демографските предизвици во земјата, посочувајќи дека развојот на нови индустрии и создавањето добро платени работни места може да придонесе за задржување и враќање на младите.

Тој оцени дека процесот е неповратен и дека државата треба навреме да се приклучи кон глобалниот развој на вештачката интелигенција и дата-центрите.

„Ова е новата нафта. Ако сакаме да си ја развиеме земјата и да ги вратиме младите однадвор, ова е патот според мене и да создадеме инфраструктурни услови и да донесеме вакви инвеститори“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека развојот нема да се случи преку ноќ, но оцени дека вложувањето во инфраструктура и привлекувањето глобални компании претставува можност Македонија да се позиционира како богата европска држава.

CATEGORIES
Share This