ТИТОТ ПОЧИНАЛ 50 ГОДИНИ ПОРАНО Југославија направила неверојатна грешка на банкнота
На 5.000 динари пишувало 1892–1930 наместо 1892–1980, а стотици илјади примероци сепак останале во оптек.

Југословенскиот динар почнал да се користи во Кралството СХС во 1920 година, а останал во употреба и по промената на државното уредување – во Кралството Југославија, СФР Југославија и Сојузна Република Југославија. Иако имињата на државата се менувале, динарот останал препознатлив симбол на југословенската епоха. Неговата употреба во поранешните југословенски републики постепено исчезнала дури по распадот на федерацијата, кога во Србија бил заменет со српскиот динар, а во Црна Гора со германската марка, а потоа со еврото.
На почетокот на 1980-тите било одлучено постојните банкноти да се заменат со нова, помодерна серија. Идејата била секој апоен да претставува една од југословенските републики и на предната страна да биде прикажана значајна историска личност, а на задната страна мотив карактеристичен за соодветната република.
Според замислениот концепт, банкнотата од 10 динари требало да ја претставува Црна Гора како најмала република, додека највисокиот апоен од 1.000 динари требало да биде посветен на Србија. Во план било и воведување банкнота од 5.000 динари, која би ја претставувала цела Југославија.
Првата од новата серија била токму банкнотата од 5.000 динари, пуштена во 1985 година, со ликот на доживотниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.
Но, наместо по својата вредност, банкнотата останала запаметена по неверојатна печатна грешка. Покрај портретот на Тито биле наведени годината на неговото раѓање и годината на смртта. Наместо точните 1892-1980, на банкнотата стоело 1892-1930. Тоа значело дека, според отпечатените податоци, Тито починал цели 50 години порано.
Грешката била откриена дури откако банкнотите веќе биле пуштени во оптек. Сепак, серијата не била повлечена. Тогашниот генерален директор на Заводот за изработка на банкноти образложил дека од вкупно 14 милиони отпечатени примероци, само околу четири отсто биле со грешка.
Тоа би значело дека во оптек можеле да се најдат околу 560.000 погрешно отпечатени банкноти. Според тогашните меѓународни правила, доколку повеќе од еден промил од банкнотите во една серија содржат видлива грешка, требало да се повлече целата серија.
Погрешната година на смртта на Тито, сепак, не била единствениот пропуст. На банкнотата не бил наведен ниту датумот на нејзиното пуштање во оптек, а нејзиниот конечен изглед и опис значително се разликувале од оние што претходно биле најавени во службената листа на СФРЈ.
Така, банкнотата од 5.000 динари останала еден од најнеобичните примери во историјата на југословенските пари и банкнота која требало да го симболизира единството на државата, а денес е позната по една неверојатна грешка што можела да ја „скрати“ историјата на Тито за половина век.

