БЕЗ ОВА НЕМА FACEBOOK, GOOGLE, CHATGPT… Професорот Симов открива зошто дата-центрите се клучни
Дали Македонија ќе ја пропушти шансата за милијарди евра инвестиции?

Претседателот на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), професорот Орце Симов, смета дека спротивставувањето на изградба на дата-центри денес е слично на тоа да се биде против хидроцентрали и енергетска мрежа пред 100 години.
Во објава на Фејсбук, Симов посочува дека дата-центарот може да се разгледува од повеќе аспекти и како голем потрошувач на електрична енергија и создавач на топлина, но и како објект во кој се сместени серверите што ги овозможуваат интернетот, социјалните мрежи, дигиталните услуги и вештачката интелигенција.
Според него, бројот на дата-центри е еден од показателите за економската развиеност на една земја. Како пример ги наведува САД, каде што има 4.767 дата-центри, по што следуваат Велика Британија со 569, Германија со 533, Франција со 393 и Кина со 376.
„Дата центар е капацитет, односно објект во кој се наоѓаат голем број компјутерски сервери кои служат за обработка и складирање на информации“, објаснува Симов.
Тој го посочува Фејсбук како пример, нагласувајќи дека фотографиите, видеата, коментарите, лајковите и останатите содржини не се складираат на мобилните телефони на корисниците, туку во дата-центрите распоредени на различни локации низ светот. Оттаму, податоците се обработуваат и испорачуваат до корисниците кога пристапуваат до услугите.
Симов додава дека без дата-центри не би можеле да функционираат платформи и услуги како Facebook, YouTube, Instagram, Google, Temu, ChatGPT и Claude, како и електронското банкарство и бројни други дигитални сервиси.
Тој забележува и, како што вели, одреден парадокс во актуелните дебати. Според него, најголем дел од критиките кон дата-центрите се шират токму преку интернетот и социјалните мрежи, кои самите зависат од инфраструктурата на дата-центрите. Слична ситуација, според него, имало и во дебатите за 5G-мрежите пред неколку години.
Зборувајќи за економските придобивки, Симов го издвојува примерот на Германија, каде што Google инвестира 5,5 милијарди евра во изградба на дата-центри. Тој посочува дека очекуваниот годишен придонес во германската економија е значаен и додава дека ефектот од ваква инвестиција би бил уште поголем за македонската економија.
Сепак, Симов нагласува дека изградбата на дата-центри мора да биде проследена со соодветни стандарди и планирање.
Според него, објектите треба да се градат по највисоки еколошки стандарди, на локации каде што нема да го нарушуваат секојдневниот живот на локалното население, како и на места со соодветна електроенергетска инфраструктура.
Дополнително, потребно е да се обезбеди доволен капацитет за снабдување со електрична енергија, без да се загрозат постоечките потрошувачи, како и електрична енергија набавена преку енергетските берзи по пазарни цени.

