НЕ МОЖЕ СО СИЛА ДА СЕ МЕНУВААТ ГРАНИЦИТЕ Од Собранието жестока порака за подршка на Украина
Пратеници и европски амбасадори испратија јасна порака дека одбраната на Украина е и одбрана на европската безбедност.

Во Собранието денеска се одржа сесија на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, посветена на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина. На настанот се обратија потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, амбасадорката на Украина Лариса Дир, пратеникот Оливер Спасовски како претставник на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, како и амбасадорите на Франција, Германија, Литванија и Полска.
Милошоски во име на Собранието и лично упати честитки до украинскиот народ по повод Денот на независноста, нагласувајќи дека овој датум претставува симбол на слободата, суверенитетот и правото на секој народ самостојно да ја определува својата иднина. Во чест на жртвите што Украина ги даде и продолжува да ги дава во борбата за својата независност, присутните оддадоа почит со едноминутно молчење.
„Поддршката која нашата држава ја дава за Украина не е само дипломатска, туку пред сè морална. Секоја држава мора да има можност самостојно да ја одбере својата иднина и своите партнери“, истакна Милошоски.
Украинската амбасадорка Лариса Дир ја нагласи важноста на меѓународната поддршка за Украина, посочувајќи дека солидарноста од партнерите претставува дополнителна сила за украинскиот народ. Таа оцени дека руската агресија секојдневно одзема невини животи и претставува сериозна закана за безбедносниот поредок во Европа.
Пратеникот Оливер Спасовски потсети дека Собранието уште на почетокот на руската агресија усвои Декларација за поддршка на Украина. Тој порача дека окупацијата во 21 век не може да создаде право, ниту, пак, со сила може да се менуваат границите на суверените држави.
Амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, истакна дека со одбраната на Украина се брани и безбедноста на целиот европски континент. Тој посочи дека Франција од почетокот на војната обезбедува дипломатска, финансиска и воена поддршка за Украина и повтори дека ставот на Париз е оти местото на Украина е во Европската Унија.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер оцени дека Украина денес не се бори само за сопствените права и слобода, туку и за европскиот безбедносен поредок. Таа посочи дека германскиот Бундестаг ја осудува руската агресија и обезбедува целосна поддршка за Украина.
Амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене, нагласи дека украинскиот народ ги брани своите основни права и слободи. Таа потсети дека Литванија, водена и од сопственото историско искуство, стои со Украина од првиот ден на агресијата и продолжува да обезбедува политичка и финансиска поддршка.
Вршителот на должноста амбасадор на Полска, Мариуш Бримора, порача дека не може да се зборува за безбедноста на Европа додека на континентот се води војна.
„Не може да се зборува за безбедноста на Европа додека се соочуваме со воена инвазија на европскиот континент“, истакна Бримора.
Тој потсети дека Полска ги отворила своите врати за украинските граѓани и дека денес во земјата легално живеат и работат повеќе од еден милион Украинци.
По завршувањето на сесијата, во Кристалната сала на Собранието беа отворени две изложби, „Враќање на сеќавањето на Херсон“ и „Светското наследство на Украина под заштита на УНЕСКО“.
Во рамките на настанот беше претставен и македонскиот превод на романот на Васил Шкљар „Црниот гавран: останатиот“.

