НИ ТРЕБА РАБОТА, А НЕ ИСЕЛУВАЊЕ Жителите на Иловица со јасна порака за рудникот за бакар

Никола Стаменов вели дека младите заминуваат поради немање перспектива и бара институциите да ги слушнат и оние кои го поддржуваат проектот.

НИ ТРЕБА РАБОТА, А НЕ ИСЕЛУВАЊЕ Жителите на Иловица со јасна порака за рудникот за бакар
Фото: Принтскрин

Жители на Иловица ја поддржуваат реализацијата на проектот за рудник за бакар, оценувајќи дека инвестицијата може да донесе значаен економски импулс за југоисточниот регион. Според нив, отворањето на рудникот би создало добро платени работни места, би ја подобрило локалната економија и би придонело младите да останат во својот роден крај.

Никола Стаменов, поранешен претседател на Федерацијата на фармери и член на локалната иницијатива „И здравје и работа“ во изјава за јавноста порачува дека економскиот развој и заштитата на животната средина не треба да се гледаат како спротивставени цели.

„Ние сме за отворање на рудникот за бакар во Иловица. Имаше неколкумина кои беа противници за отворањето, со напомена дека ќе се загадела животната средина, воздухот, подземните води и почвата. Меѓутоа, со најсовремената европска и светска технологија, имаме целосна гаранција дека до тоа нема да дојде“, изјави Стаменов.

Тој потсетува дека и неговите деца заминале во странство поради недостаток на перспективи, додека во Иловица остануваат главно постарите жители. Затоа, според него, ваквата инвестиција може да претставува можност за економско заживување на селото и целиот регион.

Стаменов апелира институциите да ги земат предвид и ставовите на жителите кои го поддржуваат проектот, а истовремено предлага формирање независно мониторинг тело кое ќе го следи процесот на експлоатација и ќе контролира дали се почитуваат сите пропишани стандарди.

Според него, покрај отворањето нови работни места, рудникот би можел да донесе и пошироки економски придобивки и зголемување на бруто домашниот производ, подобрување на инфраструктурата и дополнителни приходи и бенефити за општините, регионот и државата.

Од иницијативата „И здравје и работа“ велат дека дебатата за рударството во Македонија не треба да се сведува на изборот „или екологија или рударство“.

Од таму посочуваат дека вистинското прашање е дали е можно да се развива рударство што ќе ги почитува највисоките еколошки стандарди, а истовремено ќе создава економска вредност за граѓаните и државата.

„Одговорот треба да го дадат науката, стручната јавност и институциите, а не стравот и политичките поделби“, истакнуваат од иницијативата.

Тие додаваат дека критичката јавност е неопходна, но дека критиката не треба однапред да значи дека секој рударски проект е опасен. Според нив, за секој проект треба да одлучуваат фактите, техничката документација, научните проценки и законските процедури.

Во меѓувреме, домашни експерти укажуваат дека растот на цената на бакарот на светските берзи ја зголемува стратешката важност на наоѓалиштата на критични минерали, вклучително и оние во Иловица. Дел од нив сметаат дека современите технологии овозможуваат контролирана експлоатација на минералите и намалување на влијанието врз природата.

Проектот за рудникот во Иловица и понатаму предизвикува поделени реакции во јавноста, а клучното прашање останува дали економските придобивки можат да се усогласат со строгите стандарди за заштита на животната средина.

БАКАРОТ НАД 14.000 ДОЛАРИ ЗА ТОН, А МАКЕДОНИЈА НЕ ЗАРАБОТУВА ОД ИЛОВИЦА Кој го плаќа застојот

CATEGORIES
Share This