ЗА ИЗБОРИ СМЕ СПРЕМНИ УШТЕ УТРЕ Ама нема да бидеме алиби на Мицкоски

Тој најави дека програмата на СДСМ ќе биде јасно дефинирана, со конкретни приоритети, за граѓаните да знаат за што ќе гласаат кога и да се одржат следните избори.

ЗА ИЗБОРИ СМЕ СПРЕМНИ УШТЕ УТРЕ Ама нема да бидеме алиби на Мицкоски
Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека СДСМ е подготвен за избори, дури и тие да се одржат веднаш, но нема да биде алиби на Христијан Мицкоски за неговите политички калкулации.

„Нема да бидеме алиби за предвремени избори на премиерот Христијан Мицкоски. Очигледно е дека единствениот параметар што него го тера да бара избори е тоа што повеќе нема пари во буџетот за неговите криминални тендери. Сега нема ни од каде да се задолжува така лесно, затоа што неговиот ментор Орбан веќе не е на власт, нема од каде да зема кинески пари. Ние за избори сме спремни. Утре да се случуваат, за утре сме спремни за изборите, и со тимот и со програмата, со мастер-планот за Македонија и договорот со граѓаните којшто ќе го презентирам во текот на септември“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Тој најави дека програмата на СДСМ ќе биде јасно дефинирана, со конкретни приоритети, за граѓаните да знаат за што ќе гласаат кога и да се одржат следните избори.

„Шест точки, јасно и добро дефинирани да знаат граѓаните за што ќе гласаат кога и да се случат следните избори. Сите најважни аспекти во однос на иднината на државата, во однос на зајакнувањето на системот, во однос на благосостојбата на граѓаните во оваа социјална држава којашто сега е ставена по страна ќе бидат јасно гласно напишани и објаснети“, потенцираше претседателот на СДСМ.

Филипче нагласи дека СДСМ нема да биде алиби за Мицкоски за предвремени избори, посочувајќи дека премиерот има двотретинско мнозинство и може сам да донесе одлука за распишување избори.

„За избори сме спремни кога и да бидат. Ама нема да бидеме алиби. Христијан Мицкоски има две третини во Собранието, апсолутна власт. Може да распише избори кога сака. Зошто му е СДСМ сега? Зошто му е? Не навлегуваме во таа игранка. Човекот ќе распише избори кога повеќе нема да има пари, а пари снемуваат сè повеќе и повеќе“, потенцираше Филипче.

CATEGORIES
Share This