ГРУБИ И ДРУЖИНАТА САМО ШТО СЕДНАА-ВЕДНАШ СИ ЗАМИНАА Се одложи процесот за „Државна лотарија“
Адвокатите побараа одложување бидејќи не го добиле обвинителниот акт и доказите, а судот им даде околу 10 дена за увид во обемниот материјал.

Главната расправа за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби, е одложена по барање на одбраната.
Адвокатите на дел од обвинетите пред судот посочиле дека не го добиле обвинителниот акт, а немале ниту увид во доказите на Обвинителството.
Судијката Биљана Шуплиновска Јолевски појаснила дека предметот содржи обемен доказен материјал и вкупно 231 материјален и седум вербални докази. Поради обемот, доказите не биле доставувани по пошта, туку се обезбедени во кутии во судот, каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид.
И одбраната на првообвинетиот Перпетим Бајрами, кој е во бегство, известила дека не го добила обвинителниот акт. Од судот најавиле дека актот, заедно со доказниот материјал, ќе ѝ биде доставен на одбраната.
Бидејќи предметот е притворски, адвокатите ќе имаат околу десет дена за запознавање со доказите. По истекот на тој рок, рочиштата се очекува да се одржуваат двапати неделно.
Во случајот се обвинети Перпетим Бајрами, Артан Груби, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Мехмети, Фатмир Рамафановски, Александар Димитровски и Башким Авди. Тие се товарат за злоупотреби поврзани со работењето на Државна лотарија.
Според обвинението, со незаконските дејствија на Државна лотарија ѝ била предизвикана штета од околу 8,2 милиони евра.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски од Основното јавно обвинителство Скопје.

