СИПАНИЦИТЕ ГИ УНИШТУВААТ СТАДАТА Сточарите бараат итна вакцинација
Над 100 сточари во источниот дел од земјава веќе ги изгубиле целите стада, додека бројот на активни жаришта е намален од 30 на 11. Надлежните чекаат координација со ЕУ, а сточарите предупредуваат дека секој ден доцнење носи нови загуби.

Болеста на сипаници кај овците предизвикува сериозни материјални штети и ја загрозува егзистенцијата на десетици сточари во земјава. Од Здружението на сточари предупредуваат дека состојбата на терен е критична и бараат итно започнување на вакцинацијата.
Според претседателот на Здружението на сточари, Насер Џемаили, болеста веќе предизвикала големи загуби во источниот дел од земјата, каде што повеќе од 100 сточари ги изгубиле своите цели стада.
Од Министерството за земјоделство, пак, информираат дека бројот на активни жаришта е намален од 30 на 11. Заменик-министерот Албрим Хоџа посочува дека од Турција се побарани 500 илјади дози вакцини, но вакцинацијата засега е во мирување поради координацијата со Европската Унија.
Дополнителен проблем претставува ризикот вакцинацијата да влијае врз извозот на месо и да доведе до негово блокирање. Сепак, сточарите сметаат дека приоритет мора да биде спасувањето на стадата и бараат вакцинирањето да започне што е можно побрзо.
Сточарите предупредуваат дека доколку институциите не реагираат навреме, бројот на уништени стада и финансиските загуби може дополнително да се зголемат.

