ОДЛУКАТА МОРА ДА ПАДНЕ ЗА 4 ДЕНА Што ќе се случи со „Талир 2“ и пресудата за Груевски
На 31 август настапува застарување, а судиите треба да одлучат дали ќе ја потврдат ослободителната пресуда за Никола Груевски или ќе ја преиначат.

Апелациониот суд има уште четири работни дена за да донесе одлука по предметот „Талир 2“, пред случајот да застари на 31 август.
Судијката Даниела Алексовска Стојановска на 14 јули ја објави првостепената пресуда со која поранешниот премиер Никола Груевски беше ослободен од обвиненијата, а беше одбиено и барањето за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинителството на 5 август поднесе жалба на пресудата, а само еден ден подоцна Кривичниот суд го достави предметот до Апелација, која треба да одлучи по жалбените наводи.
Од Апелациониот суд за Телма потврдиле дека никој не побарал одржување јавна седница. Тоа значи дека предметот ќе биде разгледуван на затворена седница, без присуство на јавноста.
Според информациите на Телма, известител по предметот е судијката Лирие Елези Ајрулау, додека виш јавен обвинител е Јован Цветановски. Тој беше обвинител и во претходната постапка по „Талир 2“, кога Груевски беше осуден на шест години затвор. Тогаш Цветановски предложи предметот да биде вратен на повторно судење.
Апелациониот суд има можност да ја потврди ослободителната пресуда или да ја преиначи. Бидејќи предметот еднаш веќе бил укинат од повисокиот суд, доколку Апелација оцени дека има основ за укинување или преиначување, тој повеќе не може да биде вратен на повторно одлучување пред Кривичниот суд.
Во таков случај, апелациските судии би требало самите да закажат судење, по што странките би го имале правото на жалба пред Врховниот суд. Сепак, рокот до 31 август е исклучително краток, што ја доведува во прашање можноста целата постапка да заврши пред настапувањето на застареноста.

