ДВАЈЦА МАКЕДОНЦИ ВО БИТКА ЗА ЗЛАТО Вејсели и Хајтари обезбедија големи финалиња во Таранто
Македонските борачи блескаат на Медитеранските игри – Вејсели и Хајтари со победи во полуфиналињата, а Магомедов утре ќе се бори за бронза.

Македонските борачи продолжуваат со одличните настапи на Медитеранските игри во Таранто, а денешниот ден донесе низа значајни резултати за македонската репрезентација.
Македонија обезбеди двајца финалисти во борбата за златниот медал, во категориите до 74 и до 97 килограми.
Во категоријата до 74 килограми, Фати Вејсели во полуфиналето го совлада Турчинот Јасин Јесил со 5:3 и се пласираше во големото финале.
Одличен настап имаше и Реџеп Хајтари, кој во категоријата до 97 килограми славеше со 3:2 против Адлан Виханов, со што и тој обезбеди место во финалето.
Вејсели утре ќе се бори за златото против Ислам Дудаев од Албанија, додека Хајтари за противник ќе го има Гркот Даурен Куруглиев.
На утрешната програма ќе настапи и Ахмад Магомедов, кој ќе се бори за бронзениот медал во категоријата до 86 килограми. Негов противник ќе биде Италијанецот Габриеле Николини.
Така, Македонија утре ќе има дури тројца борци во битка за медал, од кои двајца ќе атакуваат на најсјајното одличје.

