ГУЖВИ НА ГРАНИЦИТЕ На Табановце и Богородица се чека до еден час, возачите со важно предупредување

Зголемена фреквенција на патиштата, изменет режим на повеќе делници и летни забрани за тешки товарни возила.

ГУЖВИ НА ГРАНИЦИТЕ На Табановце и Богородица се чека до еден час, возачите со важно предупредување
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен.

На граничниот премин Табановце има чекање од околу 40 минути до еден час за влез и излез од државата. На Богородица, за излез од земјава, времето на чекање е исто така од околу 40 минути до еден час. На останатите гранични премини нема подолги задржувања.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, односно кај наплатната станица Преод, од 17 август до 1 октомври 2026 година е воведен изменет режим на сообраќај.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила со максимална дозволена маса до 3,5 тони.

До 31 август важи летен режим со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони на државните патишта во одредени периоди.

Забраната важи:

  • во петок од 17:00 до 22:00 часот;
  • во сабота од 09:00 до 18:00 часот;
  • во недела од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, забраната од понеделник до четврток важи од 11:00 до 17:00 часот.

Од ограничувањата се изземени возилата што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани на проекти на државните патишта.

Посебен режим на патот Скопје – Охрид

На магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември важи посебна забрана за тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони.

Забраната е во сила:

  • петок од 15:00 до 22:00 часот;
  • сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
  • недела од 07:00 до 22:00 часот.

Режимот е воведен поради зголемената летна фреквенција кон Охрид, со цел да се намалат сообраќајните застои и задржувањата кај наплатните станици и да се овозможи побрз проток на возила.

Работи на патиштата

Во повеќе делови од земјава се изведуваат градежни активности и санации поради кои е воспоставен времен режим на сообраќај.

Во Штип, од 6 јули е изменет режимот на сообраќај поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204.

На патот Гостивар – Стража, на А2, продолжуваат работите на мостовите бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и бр. 7 – Вијадукт на Дол, поради што сообраќајот се одвива според времен режим до завршување на санациите.

Санација се врши и на мостовите на А2 на реката Вардар кај село Желино, во двата правци – Скопје–Желино и Желино–Скопје.

На автопатот А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за поставување премин на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.

На скопската обиколница, на А2, се рехабилитира делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната лента и лентата за принудно запирање.

Времен режим има и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат во делот од клучката Лагово до Тополчани.

Возачите се повикуваат на зголемено внимание, особено на делниците каде што се изведуваат градежни работи и каде што има воспоставен времен режим на сообраќај.

CATEGORIES
Share This