ГО НАРЕКУВАА КИНЕСКИОТ МАГНАТ НА НЕДВИЖНОСТИТЕ Сега му го конфискуваат имотот
Хуи Кајан е осуден заедно со десетици лица поврзани со „Евергранд“.

Некогаш вториот најбогат човек во Азија, Хуи Кајан го претвори „Евергранд“ во симбол на прекумерното задолжување што го следеше повеќедеценискиот кинески бум на недвижностите. Но, откако компанијата во 2021 година западна во сериозни проблеми со отплатата на долговите, неговата деловна империја почна да се распаѓа.
Хуи е осуден заедно со уште 56 лица поврзани со „Евергранд“, меѓу кои и неговите синови Су Џијијан и Су Тенге. На Хуи ќе му биде конфискуван имотот, додека на „Евергранд“ ѝ е изречена парична казна од 8,82 милијарди јуани, односно околу 1,3 милијарди долари. Домашната единица на компанијата, „Хенгда Риел Естејт“, ќе мора да плати дополнителни седум милијарди јуани.
Пресудата го означува крајот на повеќегодишниот процес во кој кинеските власти утврдија дека деловниот модел на „Евергранд“ не се темелел само на прекумерно задолжување, туку бил проследен и со сериозни финансиски измами.
Хуи во април пред кинескиот суд призна вина за кривични дела поврзани со незаконско прибирање јавни депозити и измама при прибирање капитал.
„Евергранд“ и Хуи беа прогласени за виновни и за лажно издавање хартии од вредност, прекршување на правилата за објавување информации и поткуп. На самиот Хуи му се става на товар и извлекување средства од компанијата преку механизми за исплата на дивиденди, пишува „Блумберг“.
Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ оцени дека станува збор за случај со „исклучително голем“ криминален износ, особено тешки околности, огромна економска штета и исклучително сериозни последици за општеството.
Повеќе од корпоративен скандал
Начинот на кој кинеските власти го опишуваат случајот покажува дека „Евергранд“ одамна ги надмина рамките на обична корпоративна измама. Компанијата стана симбол на ризиците што произлегоа од повеќедецениското потпирање на кинескиот економски модел врз недвижностите, кредитната експанзија и постојаниот раст на цените на имотите.
Хуи, кој потекнува од скромно семејство во провинцијата Хенан, успеа да изгради една од најголемите деловни империи во Кина. Роден во 1958 година како син на дрвосечач, тој во 1992 година ја напуштил работата во челична компанија, во период кога економските реформи на Денг Сјаопинг отвораа сè поголем простор за приватното претприемништво.
Неколку години подоцна Хуи влегол во секторот на недвижности во Гуангџоу, каде што во 1996 година го основал „Евергранд“. Компанијата брзо растела, користејќи агресивно задолжување и експанзија за да стане еден од најголемите играчи на кинескиот пазар.
Токму моделот што со години го поттикнувал растот на „Евергранд“ на крајот се претворил во неговата најголема слабост. Кога кинескиот имотен пазар почнал да забавува, огромните долгови на компанијата станале неодржливи, отворајќи го патот кон најголемиот корпоративен колапс во историјата на кинескиот сектор на недвижности.

